свет

Извештај на ЕУ: Над 3.500 лица загинале или исчезнале на море обидувајќи се да стигнат до Европа во 2024 година

- Извештајот на Агенцијата за основни права на Европската Унија за 2025 ги истакнува клучните случувања и недостатоци во областа на човековите права низ ЕУ во текот на минатата година, при што миграцијата и понатаму останува една од главните грижи.

Melike Pala  | 10.06.2025 - Обновена : 10.06.2025
Извештај на ЕУ: Над 3.500 лица загинале или исчезнале на море обидувајќи се да стигнат до Европа во 2024 година

БРИСЕЛ (АА) - Повеќе од 3.500 лица загинале или се водат како исчезнати при обид да ја преминат морската граница за да стигнат до Европа во 2024 година, се наведува во годишниот извештај на Агенцијата за основни права на Европската Унија (ФРА), објавен денес, јавува Анадолу.

Извештајот на агенцијата за 2025 година ги истакнува клучните случувања и недостатоци во областа на човековите права низ ЕУ во текот на минатата година, при што миграцијата и понатаму останува една од главните грижи.

И покрај новите правила за азил и миграција, во извештајот се наведува дека кршењата на правата на границите продолжуваат, а недостигот од соодветни операции за пребарување и спасување во Средоземното Море и понатаму ги загрозува животите на мигрантите.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција (IOM), кои се цитираат во извештајот, во 2024 година загинале или исчезнале 3.642 лица при обид да стигнат до Европа по морски пат, што е благо намалување во споредба со 4.088 лица во 2023 година.

Извештајот остро ја критикува „неефикасноста“ на истрагите за злоупотреби на границите и повикува на засилување на механизмите за надзор, подобрување на условите за новопристигнатите и поддршка за граѓанските организации кои се вклучени во спасувачки мисии, а кои често се соочуваат со криминализација.

ФРА, исто така, изрази сериозна загриженост за порастот на расизмот, антисемитизмот и омразата кон муслиманите во Европската Унија, истакнувајќи дека речиси половина од муслиманите во Европа се соочуваат со расна дискриминација.

„Основните права во Европа се соочуваат со сè посериозни и поголеми предизвици“, изјави директорката на ФРА, Сирпа Раутио, повикувајќи ги земјите членки на ЕУ да ги почитуваат своите законски обврски за заштита на животот и човековото достоинство.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.