Nuran Erkul Kaya
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - И покрај целите на Парискиот договор и обврските за нулта емисија на штетни гасови, владите во светот планираат да го зголемат производството на фосилни горива до 2030 година, известува Агенција Анадолија (АА).
Објавен е Извештај за производствениот дефицит за 2021 година, подготвен од страна на Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP), Институтот за животна средина во Стокхолд (Stockhold Environment Institute, SEI), Меѓународниот институт за одржлив развој (IISD), Меѓународниот институт за развој во странство (ODI) и тинк-тенк организацијата ЕЗГ (E3G).
Во извештајот, во кој свој придонес дадоа повеќе од 40 истражувачи од различни универзитети, тинк-тенк и истражувачки организации, се наведува дека случувањата планирани од владите за производство на јаглен, нафта и природен гас се некомпатибилни со целите поставени во Парискиот договор.
Според извештајот, кој ги анализира профилите на 15 земји што произведуваат најмногу фосилни горива, вклучувајќи ги Австралија, Бразил, Канада, Кина, Германија, Индија, Индонезија, Мексико, Норвешка, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Обединетите Арапски Емирати, Англија и САД, во следните 20 години, владите на овие земји предвидуваат зголемување на глобалното производство на нафта и гас, додека пак во производството на јаглен се предвидува мало намалување.
Плановите на владите до 2030 година вклучуваат зголемување за околу 110 отсто повеќе на вкупно производство на фосилни горива отколку што е потребно за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови. Во рамките на ова зголемено производство на фосилни горива, се планира да се произведе за 240 отсто повеќе јаглен, 57 отсто повеќе нафта и 71 отсто повеќе природен гас од она што е планирано до 2030 година.
Се предвидува дека највисокото зголемување на глобалното производство на природен гас ќе се случи во периодот од 2020 до 2040 година. Се наведува дека ова зголемување на производството на гас е некомпатибилно со прагот за глобално зголемување на температурата утврден со Парискиот договор.
Во својата проценка на извештајот, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакнувајќи дека изјавите дадени од најнапредните светски економии за ставање крај на меѓународното финансирање на јаглен се важни за постепено отстранување на фосилните горива, рече: „Но, како што јасно покажува овој извештај, пред нас сѐ уште стои долг пат за да постигнеме иднина со чиста енергија. Потребно е покрај сите јавни финансиски институции, и приватните финансиски институции, вклучувајќи ти тука и комерцијалните банки и менаџерите на средствата кои не го прекинуваат финансирањето на фосилните горива, под итно, наместо кон јагленот, своите средства да ги пренасочат кон обновливи извори за да се осигура целосно декарбонизирање на енергетскиот сектор и да се поттикне пристапот на сите до обновливата енергија.“
Плој Ачакулвисут, главниот автор на извештајот, нагласувајќи дека производството на јаглен, нафта и гас низ целиот свет мора да се намали „веднаш и остро“ за да биде во согласност со целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, продолжи со зборовите: „Меѓутоа, нивото на производство на фосилни горива што во моментов е планирано и поддржано од владите е многу над нивото што би овозможило безбедно да се постигне границата од 1,5 степени.“