Ayhan Şimşek
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Поранешниот германски министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, денес изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел веројатно ќе се повлече наредната година за да го расчисти патот за новата коалициска влада, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлуката на германската канцеларка да се откаже од претседателството со Христијанско-демократска унија (ЦДУ) е веројатно првиот чекор“, изјави Габриел во статијата која ја напиша за дневниот весник „Ди цајт“ (Die Zeit).
Социјалдемократот, кој беше министер за надворешни работи во поранешната коалициска Влада предводена од канцеларката Меркел, изјави дека очекува понатамошни чекори од неа.
„Таа сака да го расчисти патот за новата коалиција „Јамајка“ меѓу Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија во Баварија (ЦСУ), Либералната партија (ФДП) и Партијата на зелените, со тоа што ќе се откаже од нејзиното канцеларство“, изјави тој.
Габриел предвидува дека Меркел ќе се откаже од канцеларството најдоцна по изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година.
Германската канцеларка Ангела Меркел, која ја предводи Христијанско-демократската унија (ЦДУ) веќе 18 години, во понеделникот објави дека нема да се кандидира за претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на претстојната партиска конференција во декември, поради големиот пораз на христијанските демократи на неодамнешните регионални избори.
Сепак, Меркел нагласи дека сака да остане канцеларка сѐ додека не заврши нејзиниот мандат во 2021 година.