Ekipa
31 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
ЧАНДИГАР (AA) - Во Индија денес беше презентирана највисоката статуа во светот на еден од нејзините лидери за независност, и покрај критиките за големот буџет кој е потрошен за неа, пренесува Аnadolu Аgency (АА).
Статуата на Сардар Валабхаи Пател, висока е 182 метри и е двапати поголема од Статуата на слободата во Њујорк.
Индискиот премиер Нарендра Моди свечено ја откри Статуата на единството во индиската држава Гуџарат, нарекувајќи го Пател за човек кој го предводел патот за Индија.
„Сардар Валабхаи Пател велеше дека задкулисните пресметки биле причина за подреденоста на Индија од странските сили. Индија никогаш поовторно нема да ја направи истата грешка, и Индија никогаш повеќе нема да биде потчинета“, изјави Моди.
Статуата која чини над 400 милиони долари беше критикувана поради уништувањето на околината и раселувањето на населението кое не добило компензација за земјиштето земено од него.
Старешините на 22 села потпишаа писмо со кое се повикува Моди да се отстапи од функцијата.
Според медиумите, пред откривањето на статуата, полицијата привела десетици активисти, со цел слободно одвивање на настанот.
Индија во градот Мумбаи работи на уште една голема статуа на кралот од 17 век Чатрапати Шиваџи. Статуата кога ќе биде завршена, со своите 212 метри, ќе биде највисоката статуа во светот.