Зеленски: Потпишав историски договори за одбранбена соработка со Катар и Саудиска Арабија
„Сметам дека ова се историски договори. Се договоривме за стратегиска соработка во областа на воената технологија и други сектори. Станува збор за договори со времетраење од десет години“
МОСКВА (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека потпишал „историски“ 10-годишни договори за одбранбена соработка со Катар и Саудиска Арабија, постигнати за време на неговата актуелна турнеја на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
Говорејќи на онлајн брифинг за медиумите, Зеленски истакна дека Украина досега немала вакви договори со земјите од регионот.
„Сметам дека ова се историски договори. Се договоривме за стратегиска соработка во областа на воената технологија и други сектори. Станува збор за договори со времетраење од десет години“, рече тој, додавајќи дека тие опфаќаат и меѓусебна поддршка, при што Украина особено е заинтересирана за заштита од балистички закани.
„Имаме предизвици поврзани со енергијата, дизелот и слично. Затоа сметам дека сите наши договори, кои ќе бидат правно формализирани, се многу важни за нашата држава. Украина никогаш претходно немала вакви договори во овој регион“, додаде Зеленски.
Тој рече дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, моментално престојува на Блискиот Исток, каде што ќе одржи низа состаноци.
Зеленски ја започна турнејата на 27 март, посетувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Јордан.
Во Доха, тој потпиша договор за одбранбено партнерство со емирот, шеик Тамим бин Хамад ал Тани, и премиерот Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, со времетраење од најмалку 10 години, додека сличен договор беше постигнат и со Саудиска Арабија. Тој најави дека сличен документ ќе биде потпишан и со Обединетите Арапски Емирати.
Осврнувајќи се на мировните разговори меѓу Русија и Украина, Зеленски рече дека трилатералната средба е одложена поради тоа што САД во моментов се фокусирани на Иран.
„Не верувам дека сме во ќор-сокак. Ако ова е ќор-сокак – што следува, да се опуштиме и да се предадеме?“, рече тој.
Додаде дека дополнителна компликација претставува и неизвесноста околу местото на одржување на преговорите, САД предложиле средбата да се одржи на нивна територија, но Русија го одбила предлогот.
„Поддржуваме состанок каде било, во САД, Турција, Швајцарија. Секаде каде што партнерите се подготвени да се сретнат“, нагласи Зеленски, додавајќи дека Украина ќе продолжи да се залага за дипломатско решение, паралелно со одбраната на своите позиции на фронтот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
