Talha Yavuz
07 Јуни 2021•Ажурирај: 08 Јуни 2021
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, истакна дека е „непријатно“ изненаден од одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) да ги укинат санкциите за проектот за гасоводот „Северен тек-2“, и дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, пред неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на 16 јуни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за американскиот портал „Axios“, Зеленски ја искоментира одлуката на САД за укинување на санкциите за проектот „Северен тек-2“.
Наведувајќи дека се „непријатно“ изненадени од одлуката на САД да ги укинат санкциите за проектот „Северен тек-2“, Зеленски потсети дека тој добил поинаков сигнал во телефонскиот разговор со Бајден во април.
Истакна дека верува во тоа дека САД се единствената моќ што може да го запре проектот, и додаде дека проектот претставува закана не само за безбедноста на Европа, туку и за САД.
Осврнувајќи се на тактиката на кошаркарот Мајкл Џордан, кој според него се преправал дека е слаб за да ги привлече своите противници во својата стапица, а потоа ја менувал тактиката и победувал, Зеленски истакна дека тој сè уште верува дека Бајден е Џордан во политиката и дека сака да верува дека оваа одлука е дел од неговата тактика.
Украинскиот претседател нагласи дека добро го познаваат прашањето за Русија, и рече дека од тие причини важно е да се преговара.
Дали ќе се одржат преговори, посочи дека е одлука што треба да ја донесе Бајден. „Како гарант на украинскиот Устав, подготвен сум да скокнам во авион и да ја бранам Украина во секое време, подготвен сум да се сретнам со него (со Бајден) да разговараме за сите детали.“