свет

Конечната пресуда за воениот злосторник Ратко Младиќ ќе биде соопштена утре во Хаг

Одлуката за поранешниот водач на босанските Срби, што ќе биде објавена во Хаг, внимателно ќе биде следена од роднините на жртвите во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година

Lejla Biogradlija  | 07.06.2021 - Обновена : 08.06.2021
Конечната пресуда за воениот злосторник Ратко Младиќ ќе биде соопштена утре во Хаг

САРАЕВО (АА) - Конечната пресуда во случајот на Ратко Младиќ, наречен „касапот на Босна“, кого Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (ICTY) во Хаг, Холандија, го осуди на доживотен затвор во 2017 година, ќе биде соопштена утре, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Одлуката за поранешниот водач на босанските Срби, што ќе биде објавена во Хаг, внимателно ќе биде следена од роднините на жртвите во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Конечната одлука ќе биде објавена од судиите Приска Матимба Нијамбе, Амината Лоис Рунени Нгум, Сејмор Пантон, Елизабет Ибанда-Нахамија и Мустафа ел Бааж од Механизмот на меѓународните кривични судови (IRMCT).

- Младиќ прогласен за виновен за геноцид -

Судењето на Младиќ започна во мај 2012 година, откако беше фатен во Србија на 26 мај 2011 година, 16 години по донесената одлука за апсење во 1996 година.

Младиќ во предметот под наслов „геноцид“ беше осуден за она што се случи во Сребреница во 1995 година. Според пресудата, целта на српските сили под негова команда била да ја исчистат Сребреница од босанските муслимани и оваа цел била заеднички план на воениот злосторник, српскиот командант Радован Караџиќ, и Младиќ.

Ратко Младиќ, наречен „касапот на Босна“, кој ги водеше Србите во војната во Босна во 1992-1995 година и беше одговорен за геноцидот во Сребреница, опсадата на Сараево и разни воени злосторства, во судскиот процес што траеше 6 години беше осуден на доживотен затвор поради „геноцид“, „злосторство против човештвото“ и „кршење на правилата на војување“.

Младиќ беше осуден и за напади врз цивилите во главниот град Сараево, што беше под опсада од српските сили во периодот 1992-1995 година и за заробување на набљудувачи на ОН во 1995 година.

Ратко Младиќ, кој ја обжали одлуката во јули 2017 година, побара ослободителна пресуда или повторно судење, тврдејќи дека „судењето не било фер“ и дека „судиите при носењето на одлуката за него направиле материјална и правна грешка“.

Младиќ се наоѓа во затворот „Шевенинген“ во Хаг, а од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (ICTY) во јуни 2018 година побара замена на судиите Теодор Мерон, Кармел Агиус и Лиу Дакун со образложение дека имале предрасуди кон него.

Апелационите рочишта во врска со приговорот на Младиќ се одржаа на 25 и 26 август 2020 година. Седумдесет и осумгодишниот Младиќ, чие барање за одложување на рочиштата поради здравствени проблеми беше одбиено, присуствуваше на рочиштето и даде своја одбрана.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.