Burç Eruygur
17 Ноември 2022•Ажурирај: 22 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска изјави дека Договорот за извоз на жито преку Црноморскиот коридор ќе биде продолжен за 120 дена со напорите на Туркије и Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Договорот ќе биде продолжен за 120 дена. Заедно со [генералниот секретар на ОН], Антонио Гутереш и [претседателот на Туркије] Реџеп Таип Ердоган, Украина донесе клучна одлука во глобалната борба против кризата со храна. Се чека официјална објава на партнерите - Туркије и ОН“, објави Зеленски на Твитер.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска го поздрави договорот постигнат од страните за продолжување на извозот на жито преку Црноморскиот коридор, со цел „да се олесни безбедната пловидба на жито, храна и извоз на ѓубрива од Украина“.
„Иницијативата ја покажува важноста на дискретната дипломатија во изнаоѓањето мултилатерални решенија“, рече Гутереш.
Реџеп Таип Ердоган во саботата изјави дека ќе биде правилна одлука за страните да го продолжат Договорот за жито во Црното Море, кој истекува на 19 ноември.
Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина на 22 јули постигнаа договор во Истанбул за извоз на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кои беа блокирани од Руско-украинската војна што започна во февруари.