Elena Teslova
05 Декември 2019•Ажурирај: 06 Декември 2019
МОСКВА
Рускиот премиер Дмитри Медведев денеска изјави дека Москва нема да ја блокира платформата за споделување на видеоснимки „Јутјуб“ во неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Медведев во телевизиско интервју изјави дека неодамнешниот закон за „суверените интернет-права“ не бил усвоен, не поради блокирањето на веб-страниците, туку за да се заштити Русија од тоа да биде отсечена од глобалната мрежа.
„Оние кои заработуваат на „Јутјуб“ ќе бидат во можност да продолжат да го прават тоа - иако тоа не зависи од нас, туку од самата политика на „Јутјуб““, изјави тој.
На 1 ноември во Русија стапи на сила законот за „суверен интернет“, според кој од провајдерите на интернет се бара да инсталираат специјална опрема за следење и пренасочување на интернет-сообраќајот, како и за филтрирање на содржината и блокирање на веб-страниците.
Претходно, рускиот Парламент донесе закон со кој се бара складирање на податоци на руските корисници на странски веб-страници во Русија.
- Украина
Осврнувајќи се на односите меѓу Русија и Украина, Медведев изјави дека украинскиот претседател Владимир Зеленски се обидува да го врати мирот во земјата.
„Очигледно, актуелниот претседател сака да ги утврди клучните прашања за развој на неговата земја, вклучувајќи ги односите со Русија, со цел таму да се воспостави мир, при што трговските и економските односи меѓу Русија и Украина можат да бидат продолжени на повисоко ниво“, изјави Медведев, додавајќи дека поранешниот лидер Петро Перошенко вложил напори да го спречи тој процес.
Русија и Украина не се во добри односи од 2014 година, кога Русија го анектираше Кримскиот Полуостров на Украина по спорниот референдум.
Откако Зеленски беше избран за претседател во мај минатата година, двете земји се согласија за одвојување на трупите во источна Украина, размена на притворениците и враќање на украинските бродови од страна на Русија, запленети во конфронтацијата во ноември 2019 година.
На 9 декември се очекува во Париз да се одржи самит помеѓу Русија, Украина, Франција и Германија. Главната тема на состанокот е да се испита постигнатиот напредок и да се дефинираат натамошните чекори.