Dilara Karataş
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и западните земји на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) ја обвинија Русија како виновник за проектилот кој падна врз селото Пржеводов, во близина на полската граница со Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
Советот за безбедност на ОН одржа состанок со цел одржување на мирот и стабилноста во Украина.
„Оваа трагедија никогаш немаше да се случи доколку Русија без причина не извршеше инвазија на Украина и не ја нападнеше нејзината цивилна инфраструктура“, рече Линда Томас-Гринфилд, постојаната претставничка на САД во ОН.
Таа ги опиша над 90-те проектили насочени кон цивилната инфраструктура во Украина како „намерна тактика“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Криштоф Шчерски, постојаниот претставник на Полска во ОН, изјави дека невини луѓе загинале во руските напади на Украина.
„Мора да ни биде јасно дека ова, несомнено, е трагедија предизвикана од нелегалната и неоправданата инвазија од страна на Русија“, рече Барбара Вудворд, постојаната претставничка на Велика Британија во ОН.
Розмари Дикарло, заменик-генералната секретарка на ОН за политички и мировни прашања, рече дека станува збор за „најинтензивниот период на бомбардирањата“ од почетокот на руските напади на Украина досега.
Дикарло истакна дека ефектите од нападите можат да се влошат во текот на зимските месеци.
Наведувајќи дека нападите насочени кон цивилите и цивилната инфраструктура се против меѓународното право, Дикарло рече дека „тешките напади“ во Украина продолжуваат и дека „на војната не ѝ се гледа крајот“.
Таа потсети дека нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура се во спротивност со меѓународното право.
Дикарло додаде дека продолжуваат интензивните напади врз Украина и дека не се гледа крајот на војната.
Од друга страна, постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија, одговори на обвинувањата и наведе дека Украина и Полска се обидуваат да поттикнат директен судир на Русија и НАТО.
„Да не се вмешавте во случувањата во Украина и не ја снабдевте со оружје и муниција, немаше да има воена операција“, рече Небензија обраќајќи им се на западните земји.
Василиј Небензија рече дека претседателот на Украина, Владимир Зеленски, требало да вложува напори за мир во реални услови, наместо да работи на сонот за победа над Русија и во смрт да испраќа десетици илјади војници.
- Што се случи во Полска
На 15 ноември проектил падна во село на границата на Полска со Украина и усмрти 2 лица.
Многу членки на НАТО изразија загриженост, а Украина, Летонија и Естонија тврдеа дека проектилот е испукан од руската страна. Подоцна Министерството за одбрана на Русија соопшти дека свесни провокации се обвинувањата дека на територијата на Полска паднал руски проектил.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека постои можност споменатиот проектил да е испукан од украинскиот противвоздушен систем кон крстосувачка руска ракета и дека не станува збор за намерен напад.
„Украинските сили испукале проектил како одговор на руските напади. Еден од тие проектили по грешка падна на територијата на Полска“, изјави премиерот на Полска, Матеуш Моравиецки.