Haydar Şahin
17 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Додека протестите кои започнаа по смртта на Махса Емини во Иран продолжија во многу делови од земјата, истрели од огнено оружје во метрото во Техеран предизвикаа страв и паника, јавува Агенција Анадолија (АА).
На снимките објавени на социјалните мрежи може да се забележи како во метрото, толпа луѓе почнуваат да бегаат во паника од истрелите.
Кога се слушнале истрелите, настанало стампедо во метрото, а на снимките се гледа како луѓе во цивилна облека ги тепаат луѓето кои бегаат во паника.
Снимката е направена вечерта на 15 ноември, за време на протестите по повод тригодишнината од демонстрациите организирани во знак на протест поради покачувањето на цената на горивата во 2019 година. Се тврди дека во настанот полицијата е таа која користела огнено оружје.
По повод тригодишнината од демонстрациите поради растот на цените на горивата што избувнаа на 15 ноември 2019 година во Иран, на кои според „Амнести интернешнал“ загинаа 304 лица, на социјалните мрежи беа упатени повици за одржување демонстрации во периодот од 15 ноември до 17 ноември.
По тој повод се одржаа демонстрации во многу градови и универзитети во Иран, а трговците ги затворија своите дуќани во некои градови.
- Демонстрации во Иран -
Дваесет и двегодишната Махса Емини беше приведена од Патролите на Иршад, познати како „Полиција на моралот“ во Техеран на 13 септември, по што ѝ се слошило и била пренесена во болница. Емини почина во болница на 16 септември, што предизвика бес во земјата.
Демонстрациите, кои започнаа по погребот на Емини во нејзиниот роден град Сакез на 17 септември, се проширија во многу градови низ Иран.
Иако официјални извори соопштија дека во настаните загинале цивили и припадници на безбедносните сили, не се дадени јасни податоци за бројот на загинати.
Иранската организација за човекови права со седиште во Норвешка објави дека во демонстрациите досега животот го загубиле 342 лица. Во вестите објавени во иранските медиуми се наведува дека за време на демонстрациите досега животот го загубиле повеќе од 40 припадници на безбедносните сили.