Jeyhun Aliyev
03 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
КИЕВ (АА) ‒ Безбедносните мерки низ улиците на главниот град на Украина, Киев, се зајакнати на осмиот ден од руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Околу „Мајдан Незалежности“, познатиот Плоштад на независноста во Киев, кој се наоѓа на улицата „Хрешчатик“ во подрачјето на Шевченко, има голем број вооружени војници кои патролираат на поставените контролни пунктови.
На главните улици на Киев, град со 3 милиони луѓе, како дел од мерките поставени се купишта песок, барикади од вреќи со песок кои се користат за блокирање на патишта, тули натрупани високо заедно со противтенковските бариери „ежови“ и бетонски столбови.
Украинците користат стари автомобили и големи метални колички за ѓубре за да подигнат барикади и да импровизираат контролни пунктови за да блокираат патишта поради руските напади.
Тие исто така копаат длабоки ровови и подигаат бариери со огромни камионски гуми прикриени со песок, а над нив се вее сино-жолтото национално знаме.
Додека слични контролни пунктови се гледаат низ целиот град, главните мостови, освен неколку, се затворени за сообраќај.
Возилата се запираат на контролните пунктови за идентификација и проверка на документи од вооружени волонтери од територијалната одбрана, од активните полицајци и од украинските војници кои ги чуваат овие барикади.
Киев е под полициски час од 17 часот до 8 часот по локално време (1500 - 0600GMT) секој ден за да ја осигура безбедноста на луѓето и да обезбеди поефективна одбрана од руските сили.
„Украинската армија и украинскиот народ се вистински херои! Руските терористи кои дојдоа на нашата земја го почувствуваа тоа! Вистината е со нас, целиот свет е со нас, победата е со нас“, напиша денеска на Твитер министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников.
Од 24 февруари, неколку дена по руското признавање на двете енклави под контрола на сепаратистите во источна Украина, руската војна над Украина беше пресретната со осуда од меѓународната заедница, а ЕУ, Велика Британија и САД воведоа низа економски санкции против Русија.
Русија е дополнително изолирана откако за нејзините авиони стапи на сила забраната да патуваат во европскиот и канадскиот воздушен простор и голем број нејзини банки се исфрлени од меѓународниот банкарски систем.