Ekipa
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Комесарката за внатрешни работи на Европската Унија (ЕУ), Илва Јохансон, денеска изјави дека ЕУ мора да се подготви да прими милиони украински бегалци додека продолжува руската војна против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ситуацијата со развојот на настаните во Украина е опасна, мора да се подготвиме за милиони бегалци да дојдат во Европската Унија“, изјави Јохансон на новинарите пред состанокот на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ.
Таа очекува „силна солидарност на сите земји членки кон бегалците, но и кон земјите членки кои се најпогодени“.
Јохансон ја пофали работата на локалните власти и волонтерите за помош на бегалците по враќањето од Словачка и Романија.
„Ова е навистина момент на гордост што сте Европеец, но ова е и момент на силни одлуки“, предупреди Јохансон.
Таа нагласи дека „речиси милион луѓе се веќе тука“ и дека блокот мора да обезбеди правен статус и финансирање за да ги угостат.
Европската комисија вчера предложи да се одобри привремена заштита на сите украински бегалци со право на престој, образование, работа и социјална помош.
Статусот на заштита би важел една година, со можност за продолжување двапати за уште шест месеци, во зависност од ситуацијата во Украина.
Претходно, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека блокот ќе обезбеди 500 милиони евра хуманитарна помош за помош на Украина и бегалците во соседните земји.
Поминаа седум дена откако Русија ја започна војната во Украина на 24 февруари.
Додека повеќе од еден милион луѓе веќе ја напуштија земјата, ЕУ презеде мерки против Москва, вклучувајќи финансиски санкции за клучните сектори, затворање на нејзиниот воздушен простор за руските авиокомпании и забрана на руските државни медиуми „Спутник“ и РТ.