Bayram Altuğ
03 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
ЖЕНЕВА
Високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), Мишел Бачелет, истакна дека рускиот напад врз Украина отвори нова и опасна страница во светската историја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Започна итниот состанок на Советот за човекови права на ОН за „состојбата со човековите права во Украина како резултат на руската агресија“.
Говорејќи на отворањето на итниот состанок што го побара Украина и беше прифатен од 47-члениот Совет во Канцеларијата на ОН во Женева, Бачелет рече: „Рускиот воен напад врз Украина пред една недела отвори нова и опасна страница во светската историја.“
Истакнувајќи дека нападот, кој започна на 24 февруари, имаше големо влијание врз човековите права на милиони луѓе низ Украина, Бачелет рече: „Високите нивоа на закана од нуклеарното оружје ја нагласуваат сериозноста на ризиците за целото човештво.“
Бачелет, нагласувајќи дека додека говори, нападите врз големите градови како што се главниот град Киев, Харков, Херсон, Суми, Житомир, Мариупол, Лисичанск и Северодоњецк се интензивирани, рече: „Градот Волноваха во регионот Доњецк беше речиси целосно уништен од бомбардирањето, а преостанатите жители во градот се кријат во подрумите.“
‒ „Повеќе од 2 милиони луѓе ги напуштија своите домови“
Бачелет наведе дека многу цивилни објекти, вклучително училишта и градинки, се сериозно оштетени во Украина и дека има прекини во електричната енергија, водата и здравствените услуги поради големи оштетувања на основната инфраструктура.
Истакнувајќи дека руските војници во близина на Херсон на 26 февруари отвориле оган врз амбулантно возило кое превезувало тешко повредени лица, Бачелет рече дека возачот загинал, а болничарот бил ранет.
Бачелет исто така додаде дека од 24 февруари повеќе од 2 милиони луѓе морале да ги напуштат своите домови во Украина, а според проценките на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), 1 милион луѓе се раселени внатре во земјата.
Од друга страна, во соопштението на УНХЦР се наведува дека 1.045.459 бегалци заминале во соседните земји.
‒ Реакција за дискриминација на бегалците
Изразувајќи ја својата благодарност за начинот на кој европските држави ги пречекуваат украинските бегалци, Бачелет рече: „Ова добредојде треба да се прошири на секој кој бега од конфликт, без оглед на неговата националност, етничка припадност, имиграциски статус или друг статус. Кога бегале африканските и азиските државјани, доживеале вознемирувачки дискриминации.“
Меѓу другото, Бачелет вети дека Канцеларијата на ОН за човекови права внимателно ќе ја следи дискриминацијата која се врши врз бегалците.
Нагласувајќи дека „силно препорачува“ целосна заштита на цивилите и заробените војници како што налага меѓународното хуманитарно право, Бачелет повика на целосен пристап за хуманитарна помош низ целата земја.
‒ Ќе се гласа за Нацрт-резолуцијата на Украина
Во својот вчерашен говор на Советот за човекови права на ОН, првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина, Емине Џапарова, побара поддршка од сите земји за Нацрт-резолуцијата поднесена од Украина, која вклучува истрага за воените злосторства за кои се тврди дека ги извршила Русија.
Џапарова исто така додаде дека од витално значење е истражниот механизам што треба да се воспостави за сторителите да се повикаат на одговорност.
По говорите што ќе се одржат во Советот, ќе се гласа за Нацрт-резолуцијата на Украина.