Burak Bir
03 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, изјави дека Западот треба да ја осакати руската економија за да го осигура неуспехот на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да се погрижиме, како што реков, руската економија да биде осакатена за да не може да продолжи да го финансира Путин и неговата воена машина. Мораме да се погрижиме Путин да не успее во овој ужасен потфат и неговите амбиции да не одат понатаму“, рече таа во Литванија на заедничката прес-конференција со колегите од Естонија, Латвија и Литванија.
Трас ја посети Литванија за да ја пренесе поддршката на Обединетото Кралство за трите балтички држави, за кои таа рече дека ја разбираат ситуацијата во Украина бидејќи долго време живееле во сенка на „руската агресија“.
Таа рече дека Британија и нејзините сојузници имаат две јасни цели во однос на потегот на Путин во Украина.
„Прво, Путин мора да загуби во Украина. Ние ѝ помагаме на Украина да се одбрани, нашето одбранбено оружје сега се користи за запирање на руските тенкови, но треба да направиме повеќе. Второ, мора да ја зауздаме оваа агресија. Го зајакнуваме источното крило на НАТО и ја поддржуваме европската безбедност преку Заедничките експедициски сили предводени од Велика Британија“, рече Трас.
Поздравувајќи ги антивоените протести во Русија, Трaс рече дека не верува дека Путин зборува во име на рускиот народ.
„Она што го видовме минатата недела е дека некои многу храбри луѓе во Русија протестираат, застанувајќи против режимот. И ние мора да се погрижиме да им дадеме информации за тоа што навистина се случува. Многу е потешко да се контролираат информациите во светот на социјалните медиуми“, заклучи Трас.