Mustafa Melih Ahıshalı
27 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамед Џевад Зариф, рече дека разговорите меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и иранскиот претседател, Хасан Рохани, се „незамисливи“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за иранската официјална агенција ИРНА, за време на официјалната посета во Кина, Зариф се осврна на изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, во врска со подготовките за средбата меѓу американскиот претседател Трамп и иранскиот претседател Рохани.
„Ви кажав за време на мојата посета на Бијариц дека средбата на американскиот претседател Трамп со иранскиот претседател (Рохани) е незамислива сè додека САД не се вратат во групата 5 + 1 и не се постигне нуклеарниот договор. Дури и во овој случај, нема да има билатерални разговори“, нагласи Зариф.
Зариф, истакнувајќи дека администрацијата на Вашингтон ги поткопува постигнатите договори по долгите преговори, рече: „Тоа што треба да се направи сега е исполнување на (нуклеарниот) договор. Ние на тоа поле не видовме ниту еден значаен сигнал од САД.“
Тој, исто така, додаде дека во Бијариц одржал разговори за продолжување на нуклеарниот договор.
Иранскиот претседател во својата вчерашна изјава за можноста за преговори со Трамп нагласи: „Не би се двоумел да се сретнам со некоја личност ако знам дека проблемите во земјата ќе бидат решени и Иран ќе се развива.“
Конзервативците во земјата го критикуваа Рохани поради давањето сигнали за преговори со САД.
- Средбите на Зариф
Иранскиот министер за надворешни работи, Зариф, во неделата на пат за Кина, за официјални средби го посети францускиот град Бијариц, каде што се одржа самитот на Г7.
Тој во Бијариц се состана со францускиот претседател Макрон, министерот за надворешни работи, Жан-Ив ле Дријан, и некои германски и британски официјални претставници.
Министерот за надворешни работи Зариф, по дводневната посета на Кина, денес отпатува за јапонскиот главен град, Токио.