Ekipa
27 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
МОСКВА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, заедно со рускиот претседател, Владимир Путин, учествуваше на отворањето на Меѓународниот саем за авијација и вселена МАКС-2019, организиран на Меѓународниот аеродром „Јуковски“, во рускиот главен град Москва, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, кој престојува во еднодневна посета на Москва, имаше свое обраќање на отворањето на овој саем.
Турскиот претседател изрази задоволство што присуствува на отворањето на саемот, упатувајќи благодарност до неговиот руски колега, Путин, за поканата.
Тој нагласи дека овој саем го смета за еден од главните саеми во оваа област.
„Оваа година и ние го организиравме 14. издание на саемот ИДЕФ. Меѓу другото, го организираме и Фестивалот за воздухопловство, вселена и технологија ТЕКНОФЕСТ во Истанбул, кој е сличен на МАКС-2019, и е наменет особено за младите. Минатата година го организиравме првото издание на овој фестивал, што пречека над 550.000 посетители. Овогодинешниот настан ќе се одржи меѓу 17 и 22 септември, на кој очекуваме над 1 милион посетители. Сакам да истакнам дека на фестивалот би сакале да го пречекаме рускиот народ, пред сè почитуваниот Путин. Со мотото „иднината е во небото“, Турција во последен период направи исчекор во авијацијата“, додаде Ердоган.
Тој рече дека „Туркиш ерлајнс“ („Turkish Airlines“) поседуваат една од најшироките мрежи на авиотранспорт на глобално ниво, и додаде: „Нашите аеродроми се наоѓаат меѓу аеродромите што пречекуваат најмногу патници во Европа. „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) има летови во 258 града во 124 земји“.
Ердоган потсети дека е ставена во функција првата фаза од Аеродромот во Истанбул, кој е еден од најголемите аеродроми во светот.
„Кога ќе почне да функционира со сите свои фази, посакувам Аеродромот во Истанбул годишно да пречека 200 милиони патници. Покрај тоа, стануваме земја која има право на збор во одбранбената, авијациската и вселенската технологија“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека меѓу Турција и Русија постои искрен и близок дијалог, кој се храни од мултидимензионалната соработка што се темели на богатото минато.
„Сè повеќе и повеќе се руши рекордот во бројката на туристи, кои од Русија доаѓаат во нашата земја. Оваа година очекуваме околу 6 милиони руски туристи да ја посетат нашата земја. Трговскиот обем меѓу двете земји надмина 25 милијарди долари, а нашата цел е 100 милијарди долари“, рече Ердоган.
- „Тоа ќе отвори нови хоризонти за заемната соработка“ -
Од друга страна, рускиот претседател Путин рече дека успесите на Русија во областа на авијацијата ќе го привлечат вниманието на сите нивни партнери, пред сè на турските гости. „Тоа ќе отвори нови хоризонти за заемната соработка“, додаде Путин.
Тој укажа на големата заинтересираност за овој саем, и нагласи дека развојот на авионската индустрија зависи од меѓународната соработка.