Muhammet Kurşun
27 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Претседателот на Иран, Хасан Рохани, изјави дека клучот за позитивен развој на односите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран е во рацете на Вашингтон и додаде дека за тоа е потребно што е можно поскоро укинување на санкциите, јавува Anadolu Agency (AA).
Иранскиот претседател во главниот град Техеран учествуваше на церемонијата организирана во врска со проектот за 110.000 станови во 31 иранска покраина, на која зборуваше и за актуелната ситуација.
Рохани упати повик до САД да се вратат и да го поддржат нуклеарниот договор со Иран.
„Со заемно почитување потребно е да се признае нашата револуција и тргајќи се настрана од грешките, потребно е американската администрација официјално да го признае нашиот систем. Сè додека не бидат прекинати санкциите и не биде напуштен погрешниот пат што го избраа, нема да бидеме сведоци на никаков позитивен развој на односите меѓу Иран и САД. Клучот за позитивен развој на односите е во рацете на Вашингтон“, истакна Рохани.
Тој посочи дека со доаѓањето на власт во Иран, својата политика ја обликувал во насока на интензивирањето на односите со светот, додавајќи дека во изминатите години постојано дејствувале од тој аспект.
- „Ние сме во потрага по решавање на проблемите, а не по фотографирање“ -
Во врска со веројатноста за средба со претседателот на САД, Доналд Трамп, Рохани рече: „Доколку некој сака да се фотографира со Хасан Рохани, тоа не е можно сè додека не се укинат сите санкции и не се покаже почит кон иранските закони. Тоа е можно со фотошоп, но во реалност тоа не е можно. Укинувањето на санкциите создава нови услови. Ние сме во потрага по решавање на проблемите, а не по фотографирање“.
Рохани додаде дека преговараат со светските сили и дека ќе продолжат во таа насока и оти за доброто на Иран би седнале на преговарачка маса, но дека САД, кои ги воведоа санкциите, би требало да ветат дека тоа нема да се повтори пред да преземат каков било чекор.
- Повик до САД: „Направете го првиот чекор“ -
Иранскиот претседател посочи дека САД можат да кажат сè и сешто, но Иран нема да произведе атомска бомба и иранските воени доктрини се базираат врз нормално вооружување.
„Поради нашиот морал, верување и национална одлука, ние не произведуваме атомска бомба. Доколку сте загрижени само по ова прашање, ако сте искрени, не треба да сте загрижени за тоа. Во тој случај направете го првиот чекор. Доколку не го направите тоа, катанецот не може да биде отклучен. Потребно е укинување на санкциите“, истакна Рохани.
Тој подвлече дека условите ќе се променат доколку САД ги укинат санкциите, со што ќе бидат преземени чекори во интерес на Иран.