Ahmet Dursun
27 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
АНКАРА (АА) - Изјавата на иранскиот претседател, Хасан Рохани, дека е подготвен да преговара со американската администрација, предизвика реакција во конзервативните медиуми во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Џеван“, познат по својата блискост со Армијата на револуционерната гарда, во текстот со наслов „Фотодипломатијата нема да го развие Иран, господине Рохани“ го критикуваше Рохани, кој даде сигнал дека е подготвен за преговори со американскиот претседател Доналд Трамп.
Во веста се наведуваат напорите на францускиот претседател, Емануел Макрон, во насока да се сретнат Рохани и Трамп, а исто така се критикува изјавата на Рохани дека преговорите се планираат за да помогнат во развојот на Иран.
Во веста се истакнува:
„Рохани и Макрон меѓусебно си испраќаат пораки дека условите за средбата со Трамп се подготвени и дека средбата ќе помогне во развојот на Иран. Трамп исто така вети „богат Иран“, но се потенцира дека САД нема да му дадат ништо на Иран. И Рохани интерпретираше дека средбата ќе помогне во развојот на Иран.“
- „Мехр“ потсети на изјавата на Хаменеј дека е против преговорите
Од друга страна, новинската агенција „Мехр“, во веста за можната средба на Рохани со Трамп, потсетува на изјавата на иранскиот лидер, Али Хаменеј, пред 4 месеци, во којашто тој остро се спротивставува на преговорите со администрацијата на Трамп.
Хаменеј во мај, во изјавата за преговорите со САД, истакна: „Некои луѓе мислат каква штета би имало од преговорите. Ниту еден свесен и сериозен Иранец не би преговарал со оваа американска Влада.“
Иранскиот претседател во својата изјава за можноста за преговори со Трамп нагласи: „Не би се двоумел да се сретнам со некоја личност ако знам дека проблемите во земјата ќе бидат решени и Иран ќе се развива.“