Започнаа преговорите меѓу САД и Украина во Женева
- „Денес во Женева продолжуваме со работа во рамките на преговарачкиот процес. Започна билатералната средба со американската делегација, со Стив Виткоф и Џаред Кушнер“, напиша главниот украински преговарач Рустем Умеров
ЖЕНЕВА / МОСКВА (АА) – Американските и украинските официјални претставници денес започнаа билатерални преговори во Женева, една недела по трилатералните преговори во истиот град во кои учествуваше и Русија, во услови кога напорите за ставање крај на војната продолжуваат, а конфликтот оваа недела влегува во петта година, јавува Анадолу.
„Денес во Женева продолжуваме со работа во рамките на преговарачкиот процес. Започна билатералната средба со американската делегација, со Стив Виткоф и Џаред Кушнер“, напиша главниот украински преговарач Рустем Умеров на американската компанија за социјални медиуми X.
Умеров наведе дека украинската делегација ја сочинуваат пратеникот Давид Арахамија, министерот за економија Олексиј Соболев и заменик-министерката за економија Дарина Марчак.
„Заедно со економскиот тим на Владата темелно ќе го разработиме пакетот за просперитет: механизми за економска поддршка и обновување на Украина, инструменти за привлекување инвестиции и рамки за долгорочна соработка“, изјави тој.
Умеров додаде дека заедно со Арахамија ќе разговара и за подготовките за следната рунда трилатерални преговори со Русија.
„Важно прашање се хуманитарниот проток и можните размени. Очекуваме конкретни резултати во однос на враќањето на нашите граѓани. Фокусирани сме на практични решенија. За исходот ќе информираме по завршувањето на средбата“, додаде тој.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера телефонски зборувал со американскиот претседател Доналд Трамп за агендата на средбата, во разговор во кој учествувале и специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
„Очекуваме оваа средба да создаде можност преговорите да се подигнат на лидерско ниво. Претседателот Трамп ја поддржува оваа низа чекори. Ова е единствен начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, напиша Зеленски.
Тој најави дека следната рунда трилатерални мировни преговори би можела да се одржи „на почетокот на март“.
Минатонеделните преговори во Женева, посредувани од САД, не резултираа со договор.
Рускиот претседателски пратеник Владимир Медински ги оцени како „тешки, но сериозни“, додека Умеров ги опиша како „интензивни и суштински“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
