Aliia Raimbekova
25 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
НУР СУЛТАН (АА) - Во главниот град на Казахстан, Нур Султан, доскорешната Астана, започнаа билатерални и трилатерални подготовки за 12. рунда сириски мировни преговори кои се водат под гаранција на Турција, Русија и Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Во хотелот „Риц Карлтон“ утрово започна консултативен состанок на делегациите на Русија и Иран, кои се гаранти на преговарачкиот процес од страната на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, а потоа ќе се состанат со делегацијата од Турција, која е гарант во преговорите од страна на сириската опозиција.
Консултативните средби се одржуваат со цел утврдување на дневниот ред на главната преговарачка сесија што ќе се одржи утре.
Руската делегација ја предводи специјалниот пратеник на земјата за Сирија, Александар Лаврентиев, додека иранската делегација ја предводи асистентот на шефот на дипломатијата на таа земја, Али Ашгар Хаџи. На чело на турската делегација е помошникот-министер за надворешни работи, Седат Онал.
Министерството за надворешни работи на Казахстан соопшти дека во попладневните часови се очекува доаѓањето на специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Геир Педерсен.
Централниот преговарачки состанок ќе се одржи утре, а на него ќе присуствуваат и делегации на сирискиот режим и оружената сириска опозиција. Како набљудувачи на состанокот ќе присуствуваат и делегати од Јордан, УНХЦР и Меѓународниот црвен крст.
Главните теми на преговорите ќе бидат процесот на формирање на комисијата за подготовка на новиот Устав на Сирија, ситуацијата во Идлиб, кој претходно беше прогласен за зона без судири, враќањето на бегалците, борбата против хуманитарната криза и плановите за обнова на земјата.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, мировните преговори за Сирија во Астана почнаа во јануари 2017 година. Делегациите во десет наврати се состануваа во Астана, а еднаш во рускиот град Сочи.
Целта на мировниот процес е воспоставување прекин на огнот и решавање на длабоката криза во Сирија, која веќе осум години е средиште на граѓанска војна.
Целиот процес се води под надзор на Обединетите нации (ОН), а веќе се преземени позитивни исчекори кон решавање на политичката криза во Сирија.
Дефинирани се посебните зони без судири за кои е договорен прекин на огнот. Посебни комисии работат на подготовка на размената на затвореници, а започнат е и процесот на формирање комисија за изготвување на новиот Устав на Сирија.