Fatma Esma Arslan
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
КАЛЕ (АА) – Започна иселувањето на бегалците од кампот „џунгла“ во францускиот град Кале, јавува Anadolu Agency (AA).
Полека се празни кампот „џунгла“ во кој, на својот пат кон Англија се сместени 7-8 илјади бегалци.
Пред зората, стотици бегалци започнаа да ги празнат шаторите и со куферите в раце застанаа во долгите редици пред вратите на привремените бегалските центри што се наоѓаат во близина на кампот.
Од местото на случувањата, операциите ги следеше и гувернерката на Кале, Фабјен Бусио, која рече дека иселувањето го подготвуваат подолг период и додаде дека во моментов сѐ се одвива според планот.
Гувернерката Бусио рече: „Не правиме ништо конкретно за да ја утврдиме староста на лицата под 18 години. Во оваа фаза се среќаваме со децата и со здруженијата што ги познаваат бегалците. За нас е доволно да нѐ убедат за својата возраст. Надвор од тоа не станува збор за никаков тест“.
Гувернерката Бусио истакна дека децата без родители ќе бидат сместени на одделни места од возрасните бегалци. Таа додаде дека по средбата на министерствата за внатрешни работи на Англија и на Франција, бегалците од привремените бегалски центри во групи од 10 лица ќе бидат префрлени во различни центри од земјата.
„Голем број бегалци ни се обраќаа со зборовите: ‘Многу ви се заблагодаруваме, многу сме среќни што ќе се спасиме од овој камп’. Затоа и јас сметам дека оваа операција е од голема корист“. Бусио рече дека во Англија ќе бидат испратени оние што имаат роднини, додека оние што сакаат да останат во Франција, ќе имаат право да поднесат барање за азил.
- Гувернерството ги повика новинарите на разбирање -
Операцијата од место на случувањето ја следи и портпаролот на француското министерство за внатрешни работи Пјер-Анри Бранде, кој изјави дека операцијата за празнење на кампот се одвива мирно и според планот.
Бранде вчера соопшти дека 400 акредитирани новинари ќе го следат настанот, но според последните податоци, околу 700 новинари и технички персонал поднеле барање за акредитација за следење на иселувањето од кампот „џунгла“ во Кале.
Во писменото известување што го даде гувернерството на Па де Кале, од новинарите се бара да покажат поголемо разбирање за да се олесни празнењето на кампот.
Според информациите што дописникот на Anadolu Agency ги добил од бегалците во кампот, поради честите кавги меѓу бегалците од Авганистан и од Судан, одговорните лица побарале бегалците од Авганистан утре да го напуштат кампот.
Денеска покрај бегалците од Судан и од Еритреја, кампот го напуштија и децата до 18 години што се без придружба.
Бегалците, кои во кампот ги има 7-8 илјади, последнава недела се подготвуваа за напуштање на кампот „џунгла“ во Кале. Министерството за внатрешни работи и гувернерството на Па де Кале често се среќавале со претставниците на бегалците и директно или од околу ги информирале бегалците во кампот за престојното иселување.
- Бегалците ќе бидат сместени во 167 бегалски центри во 80 подрачја -
Бегалците уште од раните утрински часови започнаа да се собираат во еден голем хангар од 3.000 квадратни метри, кој е претворен до привремен центар.
Тие што доаѓаат во овој центар, во првата фаза се делат во групи на семејства, деца, поединци, лесно повредливи, и секоја категорија ќе биде одделно сместена.
Се смета дека во кампот „џунгла“ престојуваат околу 7.000 бегалци. По разделувањето во групи во привремениот центар, бегалците со 60 автобуси ќе бидат префрлени во различни подрачја од земјата.
Бегалците во бегалските центри ќе имаат три оброци и здравствени услуги.
Бегалците-поединци и семејствата што ќе поднесат барање за азил во Франција, ќе бидат сместени во два различни центри.