Hakan Çopur
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, во програма на телевизијата „Фокс“ (Fox) изјави дека ќе дојде до колапс на пазарот, доколку дојде до покренување правосудна постапка против него, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Можам да ви кажам само дека доколку дојде до каков било судски процес во врска со мене, ќе се случи и колапс на пазарот и сите ќе осиромашат“, рече Трамп, одговарајќи на прашањето во врска со наводите за можно поведување на судска постапка против него.
Наведувајќи дека направил сјајна работа за американската економија, Трамп во текот на гостувањето во програмата на „Фокс“ рече дека не разбира „како е воопшто можно некој кој има направено толку добра работа, да заврши пред Суд“.
Во продолжение на емисијата, Трамп истакнува и дека во случај на негово судење, ќе дојде до колапс на американскиот пазар, односно до пад на вредноста на акциите и на валутата, што ќе води кон осиромашување на сите граѓани.
Наводите за можна судска постапка против Трамп се појавија откако неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен изјави дека планира да разговара со агентите на ФБИ и да оди во насока на спогодба со Судот во врска со истрагата која се води против него поради наводно „замолчување“ на две жени во текот на предизборната кампања во САД. Коен, наводно, по директиви на Трамп, платил одредена сума пари на жените кои тврдеа дека биле во љубовна врска со тогашниот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.
Одредени експерти, претходно во изјавите за американските медиуми наведоа дека поради низа престапи во текот на кампањата, би можело да му се суди на Трамп.