Bedrudin Brlyavac
25 Март 2016•Ажурирај: 26 Март 2016
ХАГ (АА) - Откако Радован Караџиќ вчера пред Хашкиот трибунал беше осуден на казна затвор од 40 години, Серж Брамерц, главниот обвинител на Хашкиот трибунал, во ексклузивно интервју за Anadolu Agency (AA) рече дека судиите ги следеле 90 отсто од аргументите на Обвинителството, кога станува збор за овој случај кој привлече големо светско внимание.
„Жртвите и здружението на жртви имаа многу големи очекувања од пресудата. Исто така, во 2008 година беа многу амбициозни кога Радован Караџиќ беше уапсен откако беше во бегство толку години. Знаеме дека имаа големи очекувања и овој пат, како и ние. Конечно, имаме пресуда и мислам дека судиите ги следеа 90 отсто од аргументите коишто ги понудивме”, рече Брамерц.
Нагласи дека Канцеларијата на обвинители е задоволна со пресудата на Караџиќ кога се зема в предвид, како што рече, целокупната пресуда, додавајќи дека е свесен за фактот дека здруженијата на жртви не се задоволни што Караџиќ не е осуден за геноцид и во другите општини освен Сребреница.
„Во Канцеларијата на обвинители сме задоволни со пресудата. На тоа уште би го додале и обвинението за геноцид во врска со другите општини освен Сребреница и поради тоа разбирам дека здруженијата не се задоволни што не е осуден за геноцид во тие општини”, рече главниот обвинител.
Додаде дека е многу важно што судиите во случајот „Караџиќ” признале постоење на злосторства изврешени во општините.
„Би сакал посебно да нагласам дека судиите го признаа постоењето на овие злосторства извршени во општините. Судиите го осудија за истербување, убиства, депортација во тие општини. Го осудија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Единствена точка која судиите не ја прифатија, а која ја понуди Обвинителството, е тоа што рекоа дека не се уверени дека постоела геноцидна намера. Меѓутоа, многу е важно тоа што судиите признаа постоење на овие злосторства и го осудија Караџиќ дека е лично одговорен за тие злосторства”, рече Брамерц.
На крајот нагласи дека, и покрај пресудата, посебно загрижуваат неодговорните изјави на политичарите во регионот на Балканот кои, како што објасни, му штетат на помирувањето и дијалогот.
„Помирувањето во регионот е многу комплексно прашање. Посебно кога слушам секој ден или секоја недела многу неодговорни изјави на политичарите од регионот кои повеќе го користат јазикот на воената реторика отколку јазикот на одговорни политичари. Помирувањето треба да дојде од самото општество, од здруженијата на жртвите и од одговорните политичари. Но, силно верувам дека, без одговорност и без казна на оние кои се одговорни за злосторствата, помирувањето нема големи шанси за успех”, рече Брамерц.