САРАЕВО (AA) - Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) денес донесе првостепена пресуда со која Воислав Шешељ е ослободен од обвинението по сите девет точки за злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на војување во Хрватска, БиХ и Војводина во Србија, од март 1991 до септември 1993 година, јавува Anadolu Agency.
Мнозинството членови на Судскиот совет на МКСЈ заклучија дека Хашкото обвинителство не докажало постоење на злосторничко здружување. Заклучено е и дека Шешељ не е виновен за кривичните дела прогонување, депортација, мачење, безобsирно разорување и грабнување на јавен и приватен имот и уништување, како и за уништување на верските и образовните објекти.
Судскиот совет заклучи дека, иако Српската радикална партија, чијшто претседател беше Шешељ, вршеше регрутирање на доброволци, "Шешељовци" , кои се упатувани на одредени боишта во БиХ и Хрватска, тие на терен се вклучувани во единиците на ЈНА, војската на Југославија и ВРС, и дека Шешељ не им бил хиеархиски надреден и не им командувал.
Советот наведе дека Шешељ „имал одреден морален авторитет над доброволците”, но дека „тие не му биле потчинети кога учествувале во воените операции”. Во врска со тоа Советот наведе дека сведочењето на воениот вештак кој „детално објаснил дека југословенскиот устав и законите предвидувале можност за прогласување на непосредна воена опасност... кога војската можела да се потпре на доброволци за да ги засили вооружените сили”.
Претседавачот со Советот Жан-Клод Антонети, читајќи ја пресудата, наведе дека проектот „велика Србија”, кој го заговараше Шешељ, бил априори политички а не криминален чин.
„Не е спорно дека Шешељ бил воден од политички страсти за создавање на ,велика Србија'”, се наведува во пресудата и се додава дека испраќањето на доброволци не е докажано како дел од злосторничка цел, туку дека „постои разумна можност целта на испраќањето да била заштита на Србите”, додавајќи дека истовремено се вршело вооружување на муслиманските и хрватските единици.
Советот заклучи дека Обвинителството не докажало дека случувањата во село Хртковци во Војводина биле дел од распространет и систематски напад.
Заклучено е дека Обвинителството не докажало дека цивилното несрпско населеление било изложено на распространет систематски напад во Вуковар, Зворник, во поширокото подрачје на Сараево, во Мостар и Невесиње.
„Доказите покажуваат дека постоел вооружен судир помеѓу противничките воени сили кои ги опфаќале цивилните елементи...Меѓутоа, обвинителот не докажа дека цивилите биле на масовна мета, иако не учествувале во борбите”, заклучи Судскиот совет.
Советот соопшти дека не може да заклучи за Шешељовиот говор во Мали Зворник, кој се наведува во обвинението на Хашкиот трибунал, дека бил повик за етничко чистење на несрпското население во Босна.
„Доказите на Обвинителството не се доволни да се исклучи можноста дека Шешељ со тој повик претходно учествувал во воените напори со охрабрување на српските сили”.
Заклучено е и дека зборовите употребени во говорот во Хртковци претставувале „јасен повик за протерување на Хрватите од тоа место”, но мнозинството во Советот „оцени дека Обвинителството не докажало дека тој говор довел до заминување на Хрватите или кампања на прогон која ја наведува Обвинителството”.
Шешељ е прв хашки обвиненик кој не присуствувал на изрекувањето на пресудата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. Тој во ноември 2014 година е пуштен на привремена слобода поради влошување на здравствената состојба, а изрекувањето на пресудата ја следеше од Белград.
Шешељ во хашки притвор се наоѓаше од 2003 година, а судењето му траеше од 2006 до 2012 година. Во текот на судењето се бранеше сам.
news_share_descriptionsubscription_contact
