Kristina Maslareviç
31 Март 2016•Ажурирај: 01 Април 2016
БЕЛГРАД (АА) - По првостепената пресуда на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (MKSJ) со која е ослободен по сите девет точки од обвинението, кое го товареше за кршење на законот и обичаите на војување како и за злосторство против човештвото на просторот на Хрватска, БиХ и Војводина, претседателот на Српската радикална партиија (SRS), Воислав Шешељ на прес-конференција во Белград рече дека овој пат, „после толку процеси на невино осудени Срби, кои се казнети со драконски казни, се појавија двајца чесни судии во Советот, кои покажаа дека професионализмот и честа се над секој политички притисок”, јавува Anadolu Agency (АА).
„Се појавија двајца судии, Жан-Клод Антоанети и Мандијајен Ангин од Сенегал кои покажаа дека професионализмот, честа и образот се над секој политички притисок, одолеаа на сите притисоци и ја донесоа, од правен аспект, единствената можна пресуда”, рече Шешељ.
Тој изрази жалење што во некои други процеси, како процесот за Радован Караџиќ, кого Хашкиот трибунал го осуди на 40 години затвор, меѓу другото и за геноцид, во Советот не биле присутни „чесните судии”.
„Мојот став кон Хашкиот трибунал како антисрпски суд и како инструмент на новиот светски поредок, ниту за влакно не е променет. Оној момент кога тргнав кон Хаг, знаев дека не можат да докажат ниту едно мое злосторство”, наведе Шешељ.
Запрашан дали ќе го тужи Хашкиот трибунал, Шешељ рече дека првин ќе почека да види дали Обвинителството ќе се жали, а второ тој веќе во 2012 година во тужба побарал 12 милиони евра поради одолговлекување на процесот, но дека Република Србија, со оглед на тоа што сам се предаде на Трибуналот, нема да ја тужи.
Коментирајќи ја оваа пресуда и нејзиното значење како и значењето на Mеѓународниот трибунал, Шешељ рече:
„Меѓународните трибунaли немаат никаква правна смисла, тие се инструмент на западните сили, со кои ги спроведуваат своите политички цели, овој Судски совет допринесе во голем дел да се тргне дамката од српскиот народ во поглед на прозивката за здружен злосторнички потфат, вината за избивање на граѓанската војна, одговорност за злосторствата во војната и.т.н”
Одговарајќи на прашањето дали сега веќе не постои идејата за „голема Србија”, рече: „Цитираа моја изјава од судскиот процес. Идејата за ,голема Србија' е подеднакво силна со мене и без мене, јас малку придонесов со својот политички и воен ангажман”.
Запрашан за тоа какви реакции очекува од регионот, Шешељ наведе дека тоа не го интересира и „ако случајно бидат побезобразни отколку што е подносливо тогаш ќе мора да се плашат од неговите реакции, особено Хрватите”.
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, во јануари 2003 година, го обвини Воислав Шешељ за поттикнување злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување на територијата на Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина од 1991-1993 година. Тој беше обвинет дека преку „говорите и изјавите придонел кај извршителите да се создаде решителност за извршување на наведените злосторства”.
Шешељ доброволно се предаде во Хаг на 24-ти февруари 2003 година каде што четири и пол години во притвор го чекаше почетокот на судењето, до ноември 2007 година.
Со одлука на Судскиот совет на Хашкиот трибунал, во ноември 2014 година пруштен е на привремена слобода во Србија до изрекувањето на пресудата, како што се наведува, од хумани причини, поради влошувањето на неговата здравствена состојба.
Воислав Шешељ денешното изрекување на пресудата го дочека во Белград.