Заврши гласањето за локалните избори во Северна Македонија
- Според Државната изборна комисија (ДИК), 1.013.375 граѓани имаа право да гласаат во овој круг на вкупно 1.777 избирачки места.
СКОПЈЕ (АА) – Гласачките кутии официјално се затворени во 19:00 часот за вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните излегоа да изберат градоначалници за 32 општини и Градот Скопјe, јавува Анадолу.
Според Државната изборна комисија (ДИК), 1.013.375 граѓани имаа право да гласаат во овој круг на вкупно 1.777 избирачки места.
ДИК објави дека излезноста на гласачите до 18:30 часот била 40,45 %.
Денешното гласање започна во 07:00 часот. Процесот на гласање го следеа 1.598 набљудувачи, од кои 933 беа домашни и 651 меѓународни и 14 странски новинари.
Од вкупно 80 општини и градот Скопје, вториот круг од изборите за градоначалник се одржа за главниот град и во општините Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Исто така, во општина Шуто Оризари на три избирачки места се прегласа за советничкиот состав.
Во првиот круг, одржан на 19 октомври, беа избрани 44 градоначалници и општински совети. Според резултатите од тој круг, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ освои 32 општини, ко-владејачкиот сојуз ВЛЕН освои 5, Националната алијанса за интеграција (АКИ) освои 4, додека коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) успеа да освои 3 општини.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово не беше избран градоначалник во првиот круг поради тоа што не беше постигнат цензусот на излезност од најмалку една третина. Во овие општини ќе започне нова изборна постапка во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати, согласно Изборниот законик.
По затворањето на гласачките места, локалните комисии ќе започнат со броење на гласовите, додека прелиминарните резултати се очекува да бидат објавени од ДИК по завршувањето на процесот на броење и проверка на записниците.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
