свет

За рамазанското печиво во Мелбурн задолжен италијански пекар

Мелбурнскиот кварт Медоу Хајтс е место каде што живеат значителен број муслимани, па така на улиците на овој дел од градот по многу нешта може да се почувствува вистинска рамазанска атмосфера

Recep Şakar  | 12.05.2019 - Обновена : 15.05.2019
За рамазанското печиво во Мелбурн задолжен италијански пекар

МЕЛБУРН (АА) - РЕЏЕП ШАКАР -

Италијанецот Џо Конфорто веќе 26 години во сопствената пекарница во текот на месецот Рамазан прави рамазански печива, пишува Anadolu Agency (AA).

Мелбурнскиот кварт Медоу Хајтс е место каде што живеат значителен број муслимани, па така на улиците на овој дел од градот по многу нешта може да се почувствува вистинска рамазанска атмосфера. Колку соживотот и солидарноста се присутни во Медоу Хајтс, покажува и фактот што сопствениците на трговските продавници во овој кварт во текот на месецот Рамазан особено се трудат на своите муштерии муслимани да им обезбедат квалитетни намирници во текот на светиот месец.

Едно од таквите места е и локалната пекарница, која пред 26 години ја отвори италијанскиот доселеник Џо Конфорто. Во текот на Рамазан, кога се ближи времето за ифтар, пред пекарницата на Џо може да се видат долги редови на луѓе кои дошле по своето рамазанско печиво, кое овој пекар го подготвува специјално за локалните муслимани.

Во разговорот за АА, на прашањето како пекар од Мелбурн, со потекло од Италија, знае да подготвува рамазански печива, Конфорто одговара дека тоа го научил од семејството коешто прво ги правело во Мелбурн. Искусниот италијански пекар рамазанските печива ги прави по примерот на традиционалното турско „рамазанско пиде“.

„Печивото научив да го правам од семејството коешто прво почна да се занимава со оваа работа. Тие ме научија и тој процес траеше 1,5 година. Подоцна, тоа го научија и другите пекари во овој дел на градот. Главно, сите учевме едни од други. Јас сум благодарен на семејството кое ми го предаде знаењето за тоа“, рече Конфорто.

Пекарницата работи седум дена во неделата, а Конфорто истакнува дека во текот на Рамазан е присутно побрзо темпо.

„За Рамазан специјално подготвуваме печива. Работата не е лесна, но ние имаме една добра екипа. Имаме муштерии од сите делови на градот. Со цел нашите муштерии да бидат задоволни, работиме деноноќно и подготвуваме свежи печива. Тука сме во текот на цел Рамазан, вклучувајќи го и Бајрам“, вели Конфорто.

Додава дека неговата пекарница работи 24 часа дневно, и дека смените на работниците, со оглед на тоа што некои од нив постат, се усогласени според ифтарот и суфурот.

Конфорто истакнува дека многумина за неговата пекарница велат дека има најдобри рамазански печива во градот. На крајот тој на сите им го честита месецот Рамазан, како и Бајрам кој следува потоа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.