Ekipa
14 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Во нападите врз источниот дел на сирискиот град Алепо од страна на режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, до договореното примирје, почнувајќи од 15 ноември досега се убиени 1.138 цивили, а само во последните два дена се убиени 67 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Со посредување на Турција, предводени од Русија, силите на режимот и опозицијата вчера во 17.00 часот договорија прекин на огнот и беше прогласено примирје.
Директорот за цивилна заштита на Алепо, Неџип Енсари, за Anadolu Agency (AA) изјави дека во последните два дена, до договореното примирје, во нападите на режимот се убиени 67 цивили. Директорот Енсари рече: „По улиците има многу мртви. Има и голем број што чекаат да бидат спасени под урнатините во градот, но не можеме да ги извлечеме“.
По нападите во подрачјето, од 15 ноември до прогласувањето примирје, бројот на убиени цивили се зголеми на 1.138.
Портпаролот на цивилната заштита на Алепо, Ибрахим Ебу Лејс информираше за ситуацијата во Алепо по прогласеното примирје:
„Поради бомбардирањата, илјадници лица од населбите што се под контрола на опозицијата повторно бегаат во подрачјата контролирани од опозицијата, стеснувајќи се во мал простор. Семејствата со деца немаат ништо за јадење. Времето е дождливо и нема ништо што може да се запали како огрев. Преселените сега се на улица. По улиците децата плачат по своите татковци. Жени, мажи, сите плачат по улиците. Мажите плачат поради ситуацијата во која се наоѓаат. Семејствата ги загубија своите деца. На улицата сретнавме човек чија жена вчера се породила и бил принуден да ја испрати во подрачјето што е под контрола на силите на режимот“.
Стотици илјади цивили од источен Алепо од 4 септември досега се под опсада на силите на режимот и шиитските милиции под иранска команда. По воздушните напади, сите здравствени институции беа уништени, а училиштата и пекарниците не се во функција.
Прекинот на судирите, кој е воспоставен со посредство на Турција, според договореното треба да овозможи евакуирање на цивилите и членовите на силите на опозицијата. Во првата фаза ќе бидат префрлени ранетите, а по нив на безбеден начин треба да се овозможи и префрлување на цивилите и силите на опозицијата во подрачјето на Идлиб.