Ekipa
20 Април 2018•Ажурирај: 21 Април 2018
ГАЗА (АА) - Во текот на масовните демонстрации кои се одржуваат во знак на „Големиот марш за враќање“ на границата меѓу Појасот Газа и Израел, денеска загинаа двајца, а ранети се 40 Палестинци, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ешреф ал-Кудра, изјави дека во денешните масовни демонстрации кои се одржуваат четврти петок по ред, загинале двајца Палестинци. Тој потврди дека во протестите се ранети 40 Палестинци.
Илјадници Палестинци на границата на Газа веќе четири петоци мирно протестираат и го одбележуваат Денот на земјата, во знак на сеќавање на 30. март 1976 година ,кога Израел одзеде илјадници хектари палестинска земја.
Денешниот марш го носи името „Петок на загинатите херои и заробеници“, а локацијата повторно е границата на Газа.
Од почетокот на протестите досега загинаа 37 Палестинци, а ранети над 3.500. Планирано е протестите да продолжат до средината на мај.
Денот на земјата во Палестина се одбележува од 1976 година и на некој начин, тој претставува симбол на отпор на Палестинците со цел враќање на палестинската земја, а воедно укажува и на одговорноста на меѓународната заедница за заштита на правата на палестинскиот народ,основање независна држава Палестина и враќање на палестинските бегалци во татковината.