Beyza Binnur Dönmez
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, процени дека Русија е одговорна за трагичниот ракетен инцидент во Полска, нарекувајќи го нападот грубо кршење на меѓународното право, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Овој трагичен инцидент е резултат на уште еден огромен бран ракетни напади врз украински градови од страна на Русија, насочени кон цивилите и цивилната инфраструктура. Овие напади се грубо кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението на Борел.
„Русија продолжува да шири дезинформации за неоправданата и непредизвикана војна што ја води против Украина. Ќе продолжиме да ја повикуваме Русија за нејзината манипулација со информации и мешање“, додаде Борел.
Повикувајќи ја Русија да ја прекине својата „нелегална војна“, тој рече дека ЕУ „ќе остане цврста во нејзината поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното природно право на самоодбрана од руската агресија како што е содржано во Повелбата на ОН“.
„Европа ќе продолжи да обезбедува силна политичка, воена, хуманитарна и финансиска поддршка на Украина сѐ додека е потребно“, нагласи Борел.
„Русија, сите сторители и соучесници ќе одговараат“, додаде тој.
Борел, исто така, изрази солидарност со Полска и полскиот народ и изрази сочувство до семејствата на двете жртви на нападот.
„ЕУ целосно ја поддржува тековната истрага на Полска за утврдување на фактите на теренот, а ние ќе останеме во близок контакт со нашите партнери, вклучително и со НАТО, за следните чекори“, истакна тој.
Во вторникот вечерта падна проектил во селото Пржеводов, источна Полска, кое се наоѓа во близина на границата со Украина.
Инцидентот предизвика страв од ескалација помеѓу Русија и НАТО, чија членка е Полска.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека првичната анализа сугерира дека „најверојатно експлозијата е предизвикана од украинска ракета за воздушна одбрана истрелана за одбрана на украинската територија“, теорија која ја поддржува и Полска.