Senita Şeherçehayic
10 Септември 2017•Ажурирај: 10 Септември 2017
АСТАНА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, во рамките на првиот Самит за наука и технологија на Организацијата за исламска соработка (OIC), кој се одржува во Астана, главниот град на Казахстан, јавува Anadolu Agency (AA).
Изетбеговиќ и Ердоган разговараа за ситуацијата во БиХ и во регионот, како и за ситуацијата во исламскиот свет. Разговарано е и за ситуацијата во Мјанмар и страдањето на Рохинџа муслиманите.
„Заеднички е дадена поддршка за Рохинџа муслиманите и осудено е злосторството коешто се врши над овој народ“, соопштено е од кабинетот на Изетбеговиќ.
Изетбеговиќ и Ердоган многу конкретно разговараа и за изградбата на автопатот Сараево-Белград.
„Турскиот претседател потврди подготвеност на неговата земја активно да учествува во реализацијата на овој проект, веднаш штом се утврди трасата на автопатот“, се наведува во соопштението од состанокот.
Изетбеговиќ го запозна Ердоган со досегашниот напредок на исполнувањето на условите за активација на МАП. Претседателот на Турција ја искажа полната поддршка на патот на БиХ кон евроатлантските интеграции. Тој потврди дека Турција ќе продолжи силно да се залага МАП да биде активен што поскоро.
Изетбеговиќ го повика Ердоган да ја посети БиХ, а неговиот повик е прифатен.
Ова е првпат Организацијата за исламска соработка (OIC) да организира самит посветен на развојот на науката и технологијата во исламскиот свет.
Организацијата брои 57 земји-членки, а по ОН е втора најбројна меѓународна организација на светот.