Ердоган до сирискиот колега Ал-Шара: „Израелските напади врз Сирија се неприфатливи“
- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган: „Агресијата на Израел претставува закана за целиот регион“

АНКАРА (АА) - Турскиот и сирискиот претседател денес разговараа телефонски за најновите случувања во Сирија по нападите на Израел, соопшти Директоратот за комуникации на Турција, јавува Анадолу.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рекол на својот сириски колега Ахмад ал-Шара дека нападите на Израел врз Сирија се „неприфатливи“, додавајќи: „Агресијата на Израел претставува закана за целиот регион“, според соопштението на Директоратот.
Истакнувајќи дека Анкара го поздравува постигнатиот прекин на огнот со Друзите во Сирија, Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да го поддржува сирискиот народ како што правеше досега.
Ал-Шара, од своја страна, изрази благодарност до турскиот претседател за поддршката на Анкара во зачувувањето на политичкото единство на Сирија, обезбедувањето територијален интегритет и почитувањето на нејзиниот суверенитет, се вели во соопштението.
- Судирите во Сувејда и израелските напади
На 13 јули избувнаа мали судири меѓу бедуинските арапски племиња и вооружените групи Друзи во јужната сириска покраина Сувејда.
Десетици војници беа убиени во нападите на Друзите врз сириските безбедносни сили распоредени во областа.
Откако ескалираа судирите меѓу безбедносните сили и локалните вооружени групи Друзи, меѓу страните беше постигнат прекин на огнот.
Прекинот на огнот беше прекршен набргу потоа, а израелската Армија изврши напади врз сириските безбедносни сили.
На 16 јули, израелските воздухопловни сили ги нападнаа сирискиот претседателски комплекс, Генералштабот и Министерството за одбрана.
Истиот ден, повторно беше воспоставено примирје меѓу Владата и локалните групи во Сувејда, додека израелските воени авиони извршија напади врз Дамаск и Дара.
Откако безбедносните сили се повлекоа од Сувејда, се проценува дека стотици луѓе ги загубиле животите во судирите и израелските напади.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.