Enes Kaplan
03 Ноември 2017•Ажурирај: 04 Ноември 2017
МАНИСА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Маниса порача дека неговата земја не ја интересира која држава стои зад која терористичка организација, и оти Турција ќе го срамни со земја секој терористички камп во Сирија и во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати пред насобраните граѓани во западниот турски град Маниса, а во таа пригода се осврна на борбата против тероризмот и изрази сочувство до семејствата на деветтемина загинати војници во борбата против ПКК.
„Нивната крв нема да остане на земјата. За два дена изгубивме деветмина наши војници, неутрализирани се 55 терористи. Според информациите што ги имам, нашите беспилотни летала и авиони Ф-16 продолжуваат со акции. Оваа бројка (на неутрализирани терористи) ќе биде уште поголема. Ќе бидат соочени со удари со коишто никогаш досега не се соочиле“, порача Ердоган.
Тој потсети дека моментално во југоисточниот дел на Турција, каде што се водат акции против терористите, престојува и началникот на Генералштабот на турската војска, министерот за внатрешни работи и командантите на вооружените сили, и истакна дека турската војска за борба против тероризмот сѐ повеќе ги користи технолошките можности, за директниот контакт со терористите да биде сведен на минимум.
„Од јули 2015 година, па наваму, ѝ нанесовме тешки удари на сепаратистичката терористичка организација. Ние не сме принудени во рамките на нашите граници, по цена на крвта и животот на нашите деца да ги спречуваме терористичките организации кои се хранат, обучуваат, се вооружуваат надвор и се пуштаат кон нас. Каде и да се наоѓаат терористите, наше најприродно право е да ги нападнеме. Голем број региони во Ирак и во Сирија моментално претставуваат гнезда на тероризмот и ние сме во состојба секоја терористичка закана кон нашата земја да ја елиминираме во нејзиното гнездо, за да не влезат во границите на нашата држава. Не сме должни од кого било да бараме дозвола за тоа“, порача Ердоган.
Тој додаде дека Турција не ја интересира која држава стои за една, а која зад друга терористичка организација.
„Ниту една легитимна држава не може своите војници или службеници да ги држи заедно со терористите. Секој кој е со терористите, тој е за нас терорист. Ова е наш последен збор до оние што ни го одвлекуваа вниманието зборувајќи за сојузништво, и зборувајќи за стратешко партнерство. Ќе го срамниме со земја секој терористички камп што ќе го откриеме во Сирија и во Ирак“, порача турскиот претседател Ердоган.