Gökhan Ergöçün
12 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Со оглед на тоа што работата оддома станува нов принцип во екот на пандемијата на коронавирусот, дигитален експерт од Турција вели дека ваквиот начин на работа се покажува попродуктивен отколку што се очекуваше.
„Откако работите ќе се вратат во нормала и градовите ќе излезат од изолацијата, фирмите ќе воведат модели за работа од далечина како редовна практика“, тврди Набат Гараханова, директорка на консултантската фирма „МЕЗО Дигитал“.
„Луѓето губат време при патувањето и како резултат на тоа поминуваат помалку време со своите семејства“, истакна таа.
„Работата оддома значително го подобри нивото на мотивација на вработените“, додаде Гараханова.
Освен тоа, и трошоците за водење бизниси исто така значително се намалија како резултат на состаноците кои се одржуваат преку интернет и онлајн продажбата.
„Дури и по пандемијата, компаниите треба да продолжат да работат од далечина еднаш неделно, како на пример во петок, со цел подобрување на продуктивноста“, додаде таа.
Во врска со потенцијалното нарушување на приватноста поради онлајн апликациите, таа порачува дека компаниите треба да инсталираат безбедносни системи на онлајн уредите.
„Благодарение на системите инсталирани на компјутерите, целиот ред на работа може да се земе под контрола, како на пример кога вработените го вклучуваат компјутерот или времето коешто го минуваат на одредени програми.“
Гараханова вели дека компаниите исто така можат да користат терминални сервери, кои спречуваат протекување [на информации], за да ги заштитат своите системи и уреди од напади однадвор.
„Сепак, за зголемување на ефикасноста, менаџерите треба да ги информираат вработените за работното време, за да можат соодветно да го приспособат своето време“, истакна таа.
Говорејќи за софтверот за видеоконференции, кој во моментов е актуелна тема, Гараханова предупредува дека сметките на социјалните медиуми се поопасни од апликациите кои се користат за видеоконференција.
Таа истакна дека луѓето треба да користат апликации кои се плаќаат наместо бесплатен софтвер. „Платените апликации ни дозволуваат да купиме безбеден простор за состаноци.“
„Бесплатните софтвери за видеоконференции ги имаат истите ризици како и бесплатните Вај-фај мрежи, кои се отворени за хакерски напади“, вели Гараханова.
Коронавирусот во Турција зеде 1.101 живот, а над 52.000 луѓе се заразени со вирусот Ковид-19.
Вирусот Ковид-19 за првпат беше детектиран во Кина минатиот декември, од каде што се прошири во околу 200 земји и региони, а епицентарот се префрли во Европа.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светски рамки пандемијата досега однесе речиси 109.000 животи, а над 1,77 милион се заразени.