İlker Girit
21 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Египетската војска уништи два прекугранични тунели кои ги поврзуваат Синајскиот Полуостров во Египет со Појасот Газа, соопшти армискиот портпарол, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението, армискиот полковник, Тамер ал Рифаи, истакнува дека од страна на египетската војска уништени се два тунела кои биле користени за „трговија со луѓе и криумчарење“ на границата со Северен Синај.
Ал-Рифаи додава дека се запленети 20 буриња со гориво, и десет вреќи со жица за заварување, која се користела за правење експлозивни материјали.
Силите на египетската војска од месец јануари имаат уништено вкупно 27 прекугранични тунели долж границата со Газа.
Поради децениската блокада од страна на Израел, Појасот Газа со околу 2 милиони жители се потпира на развиената мрежа на прекугранични тунели за увоз на основните артикли, вклучувајќи храна, гориво и лекови.
По воениот удар во 2013 година против Мухамед Морси, првиот, слободно избран египетски претседател, египетските власти на мета ги имаат тунелите на границата меѓу Синај и Газа.
Во 2014 година, Египет започна со изградба на „тампон зона“ долж границата со Појасот Газа.
Една година подоцна, египетската армија почна да ја поплавува мрежата на тунели со морска вода, во обид да ги искорени сите прекугранични преминувања.