Ekipa
21 Мај 2017•Ажурирај: 22 Мај 2017
РИЈАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адил ел-Џубејр, истакна дека вкупниот износ на постигнатите договори помеѓу неговата земја и Соединетите Американски Држави (САД), изнесува 380 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Џубејр кој одржа прес-конференција со неговиот американски колега, Рекс Тилерсон по средбата на саудискиот крал Селман бин Абдулазиз и американскиот претседател Трамп, изрази благодарност за поддршката на САД кон неговата земја.
Министерот Џубејр, посетата на Трамп во Саудиска Арабија ја опиша како историска, и истакна дека оваа посета укажува на една нова фаза во односите на двете земји. Потпишаниот договор помеѓу кралот Селман и Трамп, како што рече Џубејр, ќе овозможи двете земји да се борат против тероризмот, ќе ја зголеми одбранбената моќ на Саудиска Арабија, и претставува едно силно стратешко партнерство кое ќе ги поддржи заедничките интереси во повеќе области.
Џубејр пренесе дека двајцата лидери разговарале во врска со зајакнувањето на билатералните односи, потребните мерки што треба да се преземат против радикалните политики на Иран и да се стави крај на мешањето во внатрешните работи на земјите во регионот, како и за сириската криза и обезбедувањето мир помеѓу Израел и Палестина. Истакнувајќи дека вкупниот износ на постигнатите договори помеѓу Саудиска Арабија и САД изнесува 380 милјарди долари, Џубејр нагласи дека овој договор има за цел да создаде нова бизнис-клима за двете земји.
„Не сме непријателски настроени кон ниеден Јеменец, но нема да дозволиме милицијата која склучила сојуз со Иран, да ја заземе државата. Во тој контекст ѝ благодариме на администрацијата на Трамп поради нивната поддршката за нашите логистички и дипломатски напори во Јемен. Благодарение на оваа поддршка ќе можеме да извршиме притисок врз Хусите и врз соборениот претседател, Али Абдула Салих, за да седнат на преговарачка маса во согласност со иницијативата за Заливот, со донесените одлуки на средбите за национален дијалог, како и со резолуцијата 2216 на Обединетите нации (ОН)“, истакна Џубејр во врска со јеменската криза.
Саудискиот министер нагласи дека нема да им се дозволи на Хусите, чиј број на припадници не е ниту 50.000, да го преземат управувањето со државата, чие население брои 28 милиони. Тој нагласи дека легитимната влада со поддршка на коалициските сили под водство на Саудиска Арабија, ја држи под контрола 80 отсто од територијата на земјата.
Џубејр во врска со обвинувањата против неговата земја околу Јемен истакна дека направиле некои грешки во Јемен и ги признале, но, како што рече, се обвинуваат со нешто што не го направиле.
„Ова е едно внатрешно прашање. Ние го оценуваме Иран според неговите дејствија, а не поради неговите зборови. Иранците во минатото кажаа нешто, но направија спротивно од тоа. Тие ја всадуваат клетката на тероризмот во нашата земја, им даваат поддршка со оружје на милициите, како Хезболах и Хусите, кои ја нарушуваат стабилноста во регионот. Најголемата терористичка организација во светот е Хезболах во Либан“, истакна министерот Џубејр во врска со избирањето на Хасан Рухани за претседател на Иран.