свет

Египет повторно ги воспоставува дипломатските односи со Катар

Овој потег е направен во рамките на договорот постигнат на 5 јануари на самитот на Советот за соработка на земјите од Заливот, одржан во саудискиот град Ал Ула.

Muhammed Semiz  | 20.01.2021 - Обновена : 21.01.2021
Египет повторно ги воспоставува дипломатските односи со Катар

ИСТАНБУЛ (АА) - Египет донесе одлука за повторно воспоставување на дипломатските односи со Катар што се прекинати пред повеќе од три години, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението од Министерството за надворешни работи се наведува дека Египет и Катар донеле одлука за повторно воспоставување на дипломатските односи.

Кажано е дека споменатиот потег е направен во рамките на договорот постигнат на 5 јануари на самитот на Советот за соработка на земјите од Заливот, одржан во саудискиот град Ал Ула.

Египет во понеделникот соопшти дека повторно се воспоставени летовите кон Катар, што беа суспендирани од 2017 година поради заливската криза.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет на 5 јуни 2017 година ги прекинаа дипломатските односи и воведоа ембарго за Катар, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот.

Катар ги отфрли сите обвиненија, а потоа дојде до криза во Заливот.

Сепак, напорите водени за завршување на кризата дадоа резултати на почетокот од оваа година.

Министерот за надворешни работи на Кувајт, Ахмед Насер Мухамед ал Сабах, на 4 јануари соопшти дека е постигнат договор за отворање на копнените, поморските и воздушните граници меѓу Саудиска Арабија и Катар.

Саудискиот министер за надворешни работи, Фаисал бин Фархан ал Сауд, на самитот на Советот за соработка на земјите на Заливот одржан во Ал Ула на 5 јануари, соопшти дека повторно се воспоставени дипломатските односи меѓу Катар и земјите што воведоа ембарго и дека ембаргото е укинато.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.