свет

Египет е подготвен да ги прими ранетите од Газа откако ќе се отвори преминот Рафа

„Центарот за управување со кризи работи на можни сценарија, вклучително и доставување помош, доколку развојот на настаните го дозволи тоа, како подготовка за повторното отворање на преминот“

Hussien Elkabany, Çağrı Koşak  | 29.01.2026 - Обновена : 30.01.2026
Египет е подготвен да ги прими ранетите од Газа откако ќе се отвори преминот Рафа

КАИРО (АА) - Египет вчера соопшти дека е подготвен да ги прими ранетите луѓе од Појасот Газа и да достави хуманитарна помош во енклавата, откако повторно ќе биде отворен граничниот премин Рафа, јавува Анадолу.

Гувернерот на Северен Синај, генерал-мајор Халед Муџавир, за египетската државна телевизија изјави дека египетската страна на преминот Рафа е подготвена за сите можни случувања на терен.

„Центарот за управување со кризи работи на можни сценарија, вклучително и доставување помош, доколку развојот на настаните го дозволи тоа, како подготовка за повторното отворање на преминот“, изјави Муџавир.

Тој нагласи дека Египет претходно ги направил сите неопходни подготовки и дека во тек е координација со кризниот центар во Каиро и со сите државни институции.

„Ние сме 100 отсто подготвени за влез на хуманитарна помош и за прием на ранетите од Појасот Газа“, додаде тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 октомври 2025 година соопшти дека Израел и Хамас ја одобриле првата фаза од планот за прекин на огнот во Газа, за време на преговорите што беа одржани во Египет.

Прекинот на огнот стапи во сила следниот ден, по одобрувањето од израелската Влада.

Телото на последниот израелски заробеник во Газа, Ран Гвили, беше пронајдено и вратено во Израел на 26 јануари, при што палестинските групи во Газа во голема мера ги исполнија условите од првата фаза на договорот.

И покрај прекинот на огнот, израелската Армија продолжи со нападите врз Палестинците во Газа под различни изговори.

Во меѓувреме, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, на 14 јануари соопшти дека започнала втората фаза од планот за Газа со 20 точки и дека е формиран Национален управен комитет за Газа, составен од палестински технократи, под раководство на Али Шаас, кој треба да управува со енклавата.

Повторното отворање на граничниот премин Рафа на египетско-палестинската граница, што Израел го држи затворен и под своја контрола од мај 2024 година, како и дозволувањето влез на хуманитарна помош во договорени количини, се дел од обврските во првата фаза од договорот.

Според израелскиот јавен сервис КАН, преминот Рафа се очекува повторно да биде отворен во двата правци на 1 февруари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın