Aliia Raimbekova
20 Март 2024•Ажурирај: 21 Март 2024
КИЕВ (АА) - Денис Шмигал, премиерот на Украина, изјави дека Украина од почетокот на руско-украинската војна од Европската Унија (ЕУ) и од земјите членки добила вкупно 88 милијарди евра помош, јавува Анадолу.
Во Брисел денес се одржа деветтиот состанок на Советот за партнерство ЕУ-Украина.
Премиерот Шмигал одржа одвоени состаноци со високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, како и со комесарот на ЕУ за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
На средбата разменети се мислења за продолжување на поддршката на ЕУ на Украина, користејќи го замрзнатиот руски имот за потребите на Украина, за подготовките за Глобалниот самит за мир и за други прашања.
Шмигал им се заблагодари на домаќините на заедничката прес-конференција за новинарите.
„Видовме дека нема алтернативен пат кон членство во ЕУ. Ова е пат без враќање. Ова е прашање за блиска иднина, а не за далечна иднина. Потребни сме си едни на други сега, денес и засекогаш“, изјави премиерот на Украина.
Денес Шмигал во Брисел имаше состанок и со лидерката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а по состанокот им се обрати на новинарите.
Тој истакна дека Украина и ЕУ никогаш не биле повеќе обединети од аспект на заедничките вредности, желби и надеж.
„Добивме вкупно 88 милијарди евра помош од ЕУ и од земјите членки на ЕУ за повеќе од две години од почетокот на руската окупација“, изјави Шмигал.
Тој додаде дека тие средства им овозможиле да одржат макрофинансиска стабилност и одржливост на Украина и да ги покријат најважните буџетски расходи.