Ekipa
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
ЗАМБОАНГА СИТИ (АА) - Филипинскиот претседател, Родриго Дутерте, ѝ нареди на војската да го уништи филипинскиот огранок на терористичката организација ДЕАШ, кој го контролира градот Марави каде што судирите траат пет недели, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на групата Мауте како човечки штит ги користат големиот број цивили заробени во центарот на градот, а претседателот Дутерте на војниците им порача да не се грижат за цивилите и нивните животи во борбата против терористите, бидејќи, како што рече, овие цивили самите се одговорни затоа што не побегнале од градот или не нашле безбедно засолниште.
На војниците им вети дека нема да завршат во затвор доколку дојде до гинење на цивили.
„Само продолжете да ги држите цврсто пушките. Ќе нѐ критикуваат, но и да има цивилни жртви тоа нема да биде со намера. Не двоумете се да ги убивате непријателите само затоа што таму има и цивили. Одговорноста на цивилите е да избегаат или да најдат засолниште. Војна е војна, и жал ми е поради тоа“, рече Дутерте во обраќањето на војниците и на нацијата преку државната телевизија.
Контроверзниот филипински претседател исто така истакна дека непријателите, терористите треба чесно да се убиваат со куршуми, а не со брутално бесење или убивање со нож.
Кон крајот на месец мај, припадници на терористичката група Мауте со поддршка на групата на Абу Сајаф го зазедоа градот Марави, по што претседателот Дутерте прогласи вонредна состојба на островот Минданао и нареди операција за ослободување на градот во кој сѐ уште се заробени најмалку 500 цивили, а го напуштија 246.000 луѓе.
Според податоците на филипинската војска, во досегашните судири загинаа најмалку 27 цивили, 299 терористи и 71 припадник на филипините безбедносни сили, меѓутоа, попрецизен биланс на за загинатите ќе биде познат дури по ослободувањето на градот.