АНКАРА (АА) - Новообјавените документи на американското Министерство за правда откриваат вознемирувачки лични ставови на осудениот финансиер Џефри Епстин, кој во електронска преписка ги прикажувал климатските промени како „природен механизам“ за справување со пренаселеноста наместо како глобална криза, јавува Анадолу.
Според увидот на „Зелена линија“ на Анадолу (Редакција за животна средина) во повеќе електронски пораки од т.н. „Епстин-досиеја“, Епстин во периодот од 2013 до 2016 година во приватни комуникации го доведувал во прашање доминантниот научен консензус за климатските промени, притоа поврзувајќи ја темата со идеи за намалување на популацијата.
Тој разменувал пораки со физичарот Лоренс Краус, тогашен директор на проектот Ориџинс на Државниот универзитет во Аризона, како и со когнитивниот научник Јоша Бах. Во преписките, научниците одговарале со аргументи засновани врз докази.
Комуникацијата започнала во јануари 2013 година кога Краус му ја пратил својата колумна во „Њујорк тајмс“, повикувајќи ги креаторите на политики сериозно да ги сфатат предупредувања на научниците за климатските промени и нуклеарните закани.
Епстин одговорил дека не се согласува целосно со ставовите, но изразил поддршка.
- Шумските пожари како „потенцијално добра работа за видот“
До јули 2016 година пораките на Епстин до Бах добиле значително попровокативен тон.
„Можеби климатските промени се добар начин за справување со пренаселеноста... шумски пожар на Земјата. Потенцијално добра работа за видот. Премногу луѓе, толку многу масовни егзекуции на стари и немоќни лица имаат смисла бидејќи фундаментален факт е дека секој умира во одреден момент“, напиша Епстин.
Тој ја проширил аналогијата, сугерирајќи дека општеството нема обврска да ги поддржува „помалку продуктивните“ членови, споредувајќи ја идејата со процесот на „кастрење“ на невроните во мозокот.
- Селективно избирање податоци
Во декември 2016 година Епстин повторно му се обратил на Краус, споделувајќи видео во кое се негира глобалното затоплување и истакнувајќи тврдења дека зголеменото ниво на јаглерод диоксид може да има позитивен ефект врз растенијата.
Тој прашувал дали Јужниот Пол навистина се лади и акумулира мраз, доведувајќи ги во прашање долгорочните климатски трендови.
Електронските пораки на Епстин ја минимизирале опасноста од климатските промени и нивните ефекти - како што се шумските пожари - ги претставувале како потенцијално корисни за контрола на популацијата.
Сепак, Светската метеоролошка организација (СМО) наведува дека климатските промени предизвикуваат сè почести и поинтензивни хуманитарни кризи преку топлотни бранови, пожари, поплави и бури.
Ова е во согласност со научниот консензус за климатските промени предизвикани од човекот, кој е широко прифатен уште од основањето на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) во 1988 година.
Краус, кој во близина на периодот на овие преписки го посетил Антарктикот, цврсто му се спротивставил на Епстин.
Тој посочил дека угледниот физичар Фримен Дајсон изразил слични идеи - дека зголемениот јаглерод диоксид дејствува како „ѓубриво“ за вегетацијата - но Краус се запрашал што всушност би значело тоа денес.
Тој саркастично запраша дали тоа само значи дека повеќе пченка може да расте на Арктикот - и дали некој навистина го сака тоа.
Со овој коментар Краус укажал на апсурдноста на гледањето на ваквите промени како позитивни, додека целосно се игнорираат сериозните опасности, како зголемувањето на нивото на морињата и уништените екосистеми.
Краус го обвинил Епстин за „cherry-picking“ (селективно избирање) - навика на луѓе што однапред го одредуваат одговорот, а потоа бараат само докази што го поддржуваат.
„Ледената покривка на Западниот Антарктик се топи со невидена брзина и, доколку се изгуби, би можела да додаде околу еден метар на глобалното ниво на морето“, додаде тој.
- Повик за данок на јаглерод во услови на „мрачна климатска агенда„
Краус, исто така, ја нагласил важноста на долгорочните податоци, ги истакнал новите технологии за директно отстранување на јаглерод диоксидот од воздухот и се залагал за воведување данок на јаглерод.
Овие провокативни размени на пораки биле дел од пошироката шема на Епстин за дружење со научници, често на неговиот озлогласен ранч „Зоро“ во Ново Мексико. Имотот, купен во 1993 година, служел како главен центар за неговата мрежа на елитни научни контакти, каде што тој им се препуштал на евгенички фантазии за човечко подобрување и динамика на населението.
Во сите вакви преписки Епстин доследно го предизвикувал климатскиот консензус преку призмата на намалување на бројот на населението и селективно преживување.