Emel Öz Gözellik
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Викендов шест области во Јапонија беа зафатени од тајфунот Нагибис. Бројот на загинати се искачи на 53 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Врз основа на информации добиени од повеќе извори, информативната агенција „Кјодо“ објави дека викендов Јапонија беше под влијание на тајфунот Нагибис, кој предизвика катастрофи и несреќи во кои животот го загубија 53 лица.
Екипите на цивилната заштита, полицијата и пожарникарската служба информираа дека на подрачјата на кои дејствувал тајфунот повредени се повеќе од 100 лица, а продолжуваат операциите за пронаоѓање на 16 исчезнати лица.
Агенцијата за управување со пожари и катастрофи објави дека поради опасноста од тајфунот, од 17 области во Јапонија евакуирани се околу 38.000 лица.
Во веста се наведува дека продолжува потрагата по исчезнатите лица во подрачјата во кои тајфунот предизвика поплави и свлечишта.
Шинзо Абе, премиерот на Јапонија, на членовите на неговиот Кабинет им нареди, без какви било побарувања од локалните власти, што е можно побргу да биде санирана штетата во инфраструктурата на системите за струја и вода и во загрозените подрачја да се обезбедат храна, вода и други потребни средства.
Центарот за метеорологија на Јапонија имаше упатено предупредување дека се очекува тајфунот Нагибис да биде со најголема сила во последните 60 години.
Поради постоечката опасност, на подрачјата на Токио, Гунма, Саитама, Канагава, Јаманаши, Нагано и Шизуока беше прогласена вонредна состојба.
Тајфунот Нагибис кој започна во саботата, на јапонското копно удри со брзина од 180 км/час. На најмалку 56 места се случија свлечишта, додека поради поројните дождови беше упатен апел за евакуација на 6 милиони лица од островот Хоншу.