Michael Hernandez
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Директорката на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џина Хаспел, патува во официјална посета во Турција за со тамошните официјални претставници да разговара за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Повеќе извори синоќа потврдија дека Хаспел патува во Турција, а претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД во Турција и Саудиска Арабија пратиле најмногу разузнавачки претставници да соберат информации за убиството на Кашоги.
„Моментално имам одлична група луѓе во Турција и одлична група во Саудиска Арабија. Наскоро ќе дознаеме сѐ“, изјави Трамп.
Од седиштето на ЦИА за АА не сакаа да потврдат дека Хаспел отпатувала во Турција.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на оваа земја во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.