Ekipa
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
РИЈАД (АА) - Саудискиот министер за енергетика, Халид aл Фалих, денес призна дека Саудиска Арабија минува низ криза поради убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
„Саудиска Арабија минува низ криза“, рече Aл Фалих во изјава на маргините на големата инвестициска конференција која се одржува во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Тој за убиството на Кашоги рече дека е ужасен чин кој не може да биде оправдан.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија мината недела соопштија дека Кашоги починал за време на расправија во Конзулатот.
Саудискиот крал Селман го разреши заменикот на разузнавачката служба и главниот помошник, и нареди апсење на 18 осомничени во врска со случајот.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија вчера истакна дека Кашоги бил убиен во саудискиот Конзулат, но нагласи дека принцот Мухамед бин Селман не знаел за тоа.