Serdar Bıtmez,Zeynep Tüfekçi Gülay,Hacer Başer
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ДОХА (АА) - Неименувани дипломатски извори велат дека делегациите на Турција и Катар постигнале договор за заедничко управување со работата на Меѓународниот аеродром во Кабул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истите извори за АА велат дека делегациите од Анкара и Доха одржале низа состаноци со цел да се договорат за заедничка работа со аеродромот во главниот град на Авганистан.
Нагласувајќи дека договорот предвидува турски и катарски компании со еднакви права заеднички да управуваат со работата на аеродромот во Кабул, извори рекоа дека договорот е постигнат за време на неодамнешната посета на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу на Доха, каде што се одржа седмата седница на Советот на турско-катарската стратешка соработка.
Техничка делегација од Турција ја посети Доха и се сретна со колеги од Катар, а потоа двете делегации денеска заедно ќе го посетат Кабул и ќе преговараат за договор со привремената Влада на Авганистан.
Турско-катарската делегација треба да ги соопшти резултатите од процесот по средбата со авганистанската страна.
Засега Турција и Катар официјално не објавија детали од преговорите за управување со аеродромот во Кабул.
Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул е од стратешко значење и се смета за главна воздушна врска на Авганистан со остатокот од светот.
Талибанското движење ја презеде контролата врз Авганистан во средината на август, а претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата. Аеродромот во Кабул беше главен излез за илјадници Авганистанци и странци кои исто така го напуштија Авганистан.