Ekip
18 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
ТЕХЕРАН
Најмалку 43 лица во Иран се повредени, а неколку имоти се уништени во земјотресот кој синоќа ја погоди покраината во југозападниот дел на земјата, Кохкилуех и Бујер Ахмад, соопштија денеска локалните власти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Институтот за геофизика на Универзитетот во Техеран, епицентарот на земјотресот со магнитуда од 5,6 степени, кој се случи во 22:55 часот по локално време, беше околу 10 километри источно од главниот град на покраината Сисакхт, каде што е нанесена голема штета.
„Силните потреси на тлото се почувствуваа во многу соседни покраини, вклучувајќи ги Исфахан и Шираз“, соопштија официјалните претставници.
Видеоснимките споделени на социјалните мрежи покажуваат голем број урнатини во Сисакхт, кој се смета за град склон кон земјотреси.
Според зборовите на локалните официјални претставници, на тоа подрачје по потресите дојде до прекин во снабдување со електрична енергија и вода, кое постепено повторно се воспоставува.
Локалните жители, кои ноќта ја поминаа на отворено, пријавија повеќекратни дополнителни потреси во текот на ноќта.
„Веднаш по земјотресот синоќа, медицинските и спасувачките екипи се пратени во погодените подрачја, а повредените се префрлени во болниците во близина“, наведоа официјалните претставници.
Операциите на пружање помош и спасување кои ги води иранската Црвена полумесечина продолжуваат.
Иран се наоѓа во сеизмички активна зона, а во минатото во оваа земја се забележани многу катастрофални земјотреси.