Riyaz Ul Khaliq
18 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
АНКАРА
Турција е противтежа на растечкото присуство на Русија и Кина во Централна Азија, изјави казахстанскиот академик Меруерт Махмутова, директорка на Центарот за истражување на јавни политики со седиште во Алмати.
Зборувајќи за Агенција Анадолија (АА) во рамките на дводневната конференција во Истанбул, Махмутова изјави дека Русија има империјални амбиции во Централна Азија, но дека светот се менува и поранешните советски републики сакаат да имаат и други опции освен Пекинг и Москва.
Економистката присуствуваше на настанот „Турција, Пакистан и Централна Азија: Партнерство за мир“, коорганизиран од турскиот Центар за дипломатски работи и политички студии во соработка со Пакистанскиот центар во Лахор за мировни истражувања.
Централна Азија ја формираат Казахстан, Киргистан, Туркменистан, Узбекистан и Таџикистан.
Азербејџан не е дел од централниот регион, но во него живее туркиски народ и има силни врски со Турција.
„Овие братски земји се повеќе заинтересирани за развој и зајакнување на соработката со Турција заснована врз заеднички јазик, култура и наследство.Турција е противтежа на Кина и Русија и има добра можност да биде водач на туркиските народи“, исткна Махмутова.
Махмутова рече дека поддршката на Турција за ослободување на Нагорно Карабах е „многу важна“, осврнувајќи се на неодамнешната војна на Азербејџан со Ерменија, која го окупира регионот без излез на море во Јужен Кавказ речиси три децении.
Анкара го поддржуваше Баку во текот на судирите во траење од 44 дена, кои завршија по прекинот на огнот со посредство на Москва на 10 ноември 2020 година.
И оттогаш, отворањето на транзитен коридор што го поврзува Азербејџан со неговата енклава Нахчиван дава нови можности за регионот и ѝ дава на Турција директен пристап до Каспиското Море.
Таа рече дека додека Кина и Русија се обидуваат да развијат само билатерални односи, независно, со секоја централноазиска нација, Турција треба да изготви колективна политика кон турските држави.
„Трите приоритетни области на соработка на Турција со Централна Азија треба да бидат војската, науката и технологијата и културата“, додаде таа.
Во однос на мултилатералната соработка во регионот што може да го вклучува и Пакистан, таа рече: „Секоја земја треба да се фокусира на зајакнување на својата економија за да развие мултилатерална соработка.“