Ekipa
18 Август 2019•Ажурирај: 19 Август 2019
ХОНГ КОНГ (АА) - Десетици илјади демонстранти и денеска се собраа во големиот парк и на улиците во центарот на Хонг Конг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полицијата дозволи одржување на протести во паркот, но демонстрантите, поради недостигот на простор, ги преплавија и соседните улици.
Патничките возови во Хонг Конг денеска не примаа патници на станиците поради големите турканици што ги создадоа демонстрантите.
Масовните продемократски протести во Хонг Конг траат веќе два месеца, а организаторите на денешниот собир најавија мирни демонстрации и се надеваат дека нема да се повторат минатонеделните немири на улиците.
Дури ни обилните врнежи од дожд не ги спречија демонстрантите да излезат на улиците, а организаторите рекоа дека денеска сакаат да покажат дека се мирољубив народ кој на мирен начин бара и формално укинување на Законот за екстрадиција.
Меѓу другото, демонстрантите бараат и оставка на градоначалникот на Хонг Конг, одржување демократски избори и истрага за, како што тврдат, полициската бруталност над демонстрантите.