Mohammad Sıo
12 Февруари 2025•Ажурирај: 14 Февруари 2025
ГРАД ГАЗА (АА) - Делегација на Хамас денес во Каиро одржа разговори со египетските претставници за спроведувањето на прекинот на огнот во Газа и за договорот за размена на затвореници со Израел, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Хамас се вели дека разговорите имаат цел да ја следат имплементацијата на договорот преку технички комисии и посредници.
Разговорите доаѓаат во време на дипломатски напори на посредниците Египет и Катар да го спасат договорот за запирање на геноцидната војна на Израел во која од 7 октомври 2023 година убиени се над 48.200 Палестинци и која ја остави Газа во урнатини.
„Во тек се контакти на високо ниво со страните (Израел и Хамас) во период на зголемен притисок од САД и Израел за продолжување на воените операции доколку заложниците не бидат вратени до сабота“, изјавија рано утрово високи египетски извори.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа се закани дека ќе го прекине договорот за прекин на огнот во Газа доколку Хамас не ги ослободи заробениците до сабота напладне.
Заканата дојде еден ден откако Хамас истакна дека ќе го одложи следното ослободување на заложниците поради израелските прекршувања на договорот за прекин на огнот.
Палестинските власти наведоа низа израелски прекршувања на договорот, меѓу кои и пукање во цивили и одбивање испорака на хуманитарната помош, меѓу која и шатори за раселените цивили во Газа.
Според првата фаза од договорот за прекин на огнот, треба да бидат ослободени 33 израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.